Грчките регионални администрации треба да ги земат предвид отворените технологии, вклучувајќи ги софтверот и податоците при изготвувањето на нивните планови за регионално управување, тврди Eel/lak, грчка организација за застапување за слободен софтвер основана од 25 универзитети и истражувачки центри.
Минатата недела, групата за застапување испрати писмо до властите на сите тринаесет грчки региони, објаснувајќи ги предностите на оваа технологија.
„Отворените податоци и технологии нудат можности за нови форми на соработка. Тие им овозможуваат на граѓаните и организациите да учествуваат во регионални проекти и поттикнуваат нови дејности на локално и на меѓународно ниво“. Со прилагодувањето кон покооперативен модел, соопшти групата, јавната администрација создава услови кои ги зголемуваат способностите на локалната работна сила, нудат можности за младите и ја зајакнуваат општествената кохезија.
Eel/lak вели дека ова се важни аргументи кои регионите можат да ги искористат за аплицирање за национално и европско финансирање во наредните шест години. „Регионите мора да покажат на кој начин го поддржуваат граѓанското учество во планирањето и спроведувањето на политиките, активностите и услугите. Ова е суштински елемент бидејќи ќе биде клучот за финансирање на локалните и регионалните активности од Европската комисија“.
Регионите во Грција подготвуваат планови за наредните шест години, а Eel/lak сака да се осигури дека во нивните планови ќе се вклучат слободниот софтвер и отворените податоци. Организацијата се надева дека ќе создаде ресурсен центар за овие отворени технологии.
Во својот документ, организацијата препорачува регионалните власти да контактираат со локалните групи за слободен софтвер и да ги поддржат нив и активистите на интернет. Овие ентузијасти можат да им помогнат на јавните администрации во разбирањето на овој вид софтверско решение, а тоа да резултира со воведување или развој на такви апликации.
Извор: joinup.eu „Open source advocates press Greek regions to use open technologies“ 8 април, 2013.