Поборниците за слободен софтвер од Хелсинки вршат притисок врз ИТ-одделот на Градот за да се објават јавно пресметките за трошоците кои ги користеше како аргумент, тврдејќи дека миграцијата кон слободен канцелариски пакет би чинела премногу. Еден од членовите на градскиот совет ја разгледува можноста од ИТ-одделот да се побара да ги открие деталите за трошоците.
„Разочарана сум од оваа одлука на ИТ-одделот да се држат во тајност деталите за цената“, изјави Јохана Сумувуори, член на градскиот совет и Зелената лига. Таа се залагаше за употреба на слободниот софтвер од страна на градската администрација уште од октомври, 2010 година. По резолуцијата на градскиот совет, градот започна со десет-месечен пилот-проект со користење на ОпенОфис во февруари 2011 година.
По завршувањето на пилот-програмата, во декември минатата година ИТ-одделот тврдеше дека префрлањето од комерцијален канцелариски пакет на слободен канцелариски пакет би ги зголемило трошоците за 74 проценти. Меѓутоа, одделот не објави како дошол до оваа бројка. Раководителот на ИТ-одделот на Градот во април изјави за Joinup дека не било логично за градот „да го замени комерцијалиот канцелариски пакет со друг производ. Информациите тешко се пренесуваат и разбираат, а тие важат само за Хелсинки“.
Во април, финскиот огранок на Фондацијата слободен софтвер Европа (FSFE) го искористи Законот за слобода на информациите за да побара јавно објавување на пресметките за трошоци. Минатата недела градот го одби барањето, соопштувајќи дека пресметките се дел од трговските тајни на Гартнер, консултантска куќа за ИТ.
„Дури и ако се прифати дека деловните тајни треба да бидат поважни од интересите на граѓаните на Хелсинки, градот сепак може и треба да ги објави бројките од пресметката“ вели FSFE во вчерашното соопштение за печат. Во соопштението се цитира Ото Кекалаинен, координаторот за Финска од оваа организација: „Ако од Хелсинки не сакаат да објаснат како дојдоа до тие бројки, тогаш како може некој да ги сфати тие пресметки сериозно?“
Извор: Joinup.eu „Helsinki’s open source proponents object to secrecy on software costs“ 13 јули, 2012.