Со намалени цени на АДСЛ – интернет-услугите и до 30 отсто и со зголемување на брзината на пристап во некои случаи и до 50 отсто, Телекомот се стреми кон бројката од 10.000 корисници на оваа услуга
Со намалени цени на АДСЛ – интернет-услугите и до 30 отсто и со зголемување на брзината на пристап во некои случаи и до 50 отсто, Телекомот се стреми кон бројката од 10.000 корисници на оваа услуга, соопштија вчера од компанијата. Намалувањето на цените е од околу 300 до околу 3.000 денари, во зависност од услугата. Во „МТ“ соопштија дека паралелно со намалувањето на цените и зголемувањето на брзината, сите потенцијални корисници што до 15 мај ќе потпишат договор за користење АДСЛ-линија на една или на две години ќе добијат 100 отсто попуст на еднократниот надоместок за инсталација на потребната опрема.
Со новата понуда на Телекомот, корисниците на АДСЛ-пакетите доколку го пречекорат месечниот лимит, и понатаму ќе можат да избираат дали ќе продолжат да сурфаат со намалена брзина на пристап и без да доплаќаат за дополнителниот сообраќај или да продолжат да сурфаат со истата брзина и да доплаќаат за дополнителниот сообраќај. Надоместокот за дополнителен сообраќај останува ист, односно 175 денари за секој нареден блок од 512 мегабајти. Во „МТ“ информираа дека од досегашната бројка на АДСЛ-корисници околу 30 отсто отпаѓаат на бизнис-секторот.
Владимир Николоски
Извор: Време