Јужнокорејската влада воведува политики за ограничување на времето кое децата го поминуваат играјќи игри на интернет.
Првата политика вклучува ограничување на пристапот до игри на интернет за младите лица на школска возраст, од полноќ до 8 часот наутро. Со друга политика се предлага забавување на интернет конекциите на луѓето откако тие веќе подолго време биле најавени на некои игри.
Министерството за култура апелира до провајдерите на игри да ги спроведуваат овие планови. Министерството бара од компаниите да ги следат матичните броеви на гејмерите, во кои е вклучена и возраста.
Исто така, родителите можат да изберат да бидат известувани доколку нивниот матичен број се користи на интернет. „Со оваа политика на родителите им се овозможува да го надгледуваат играњето на нивните деца“, изјави за Ројтерс Ли Јанг-ах од Министерството за култура, спорт и туризам.
„Кореја Хералд“ известува дека Barameui Nara, Maple Story и Mabinogi, трите популарни виртуелни светови, ќе ги воведат овие мерки во текот на годината.
Во меѓувреме, игрите со играње на улоги „Dungeon and Fighter“ и „Dragon Nest“ ќе бидат првите за кои ќе се примени планот за забавување на конекцијата.
На крајот ќе бидат опфатени вкупно 19 такви игри – огромен дел од пазарот на онлајн игри во земјата.
Јужна Кореа има софистицирани широкопојасни врски со големи брзини и играњето на интернет е многу популарно. Но, се јавува сè поголема загриженост околу времето кое граѓаните го трошат во виртуелните светови и играјќи онлајн игри.
Веста за брачниот пар чиешто женско бебе гладувало додека тие поминувале и до 12 часа дневно во интернет кафеа одгледувајќи виртуелно дете на интернет, стигна до насловните страници ширум светот. Тие беа обвинети за убиство од небрежност и очекуваат пресуда на 16 април.
Извор: BBC “South Korean children face gaming curfew” 13 април, 2010.



