Европската Унија ќе отвори истрага да провери како Google ќе ги користи корисничките податоци. Google го одби предлогот на ЕУ да го одложи стартувањето на новата политика на приватност, која стартува од 1 март.

Новата политика на приватност на Google ќе дозволи корисничките податоци од еден сервис на Google да бидат искористени и од другите сервиси, како YouTube или интернет-пребарувачот Google. Нејзината цел е да биде поедноставна и полесно разбирлива за корисниците да сфатат кои нивни податоци ги користи Google. Сервисите ќе си ги задржат своите политики на приватност заради правни причини.

Од Google велат дека се убедени дека нивната политика на приватност е во согласност со правилата на Европската унија за заштита на корисничките податоци. Но, според Вивиен Рединг, евро-комесарката за правда, новата политика на Google не е доволно транспарентна.

Истрагата ќе ја водат француски регулатори кои ќе проверуваат како се користат корисничките податоци од разните сервиси. Регулаторите велат дека не се сигурни дека таквото користење на податоците е според законот и според правилата на ЕУ.

Оваа истрага започнува во незгодно време како за Google, така и за ЕУ, бидејќи Унијата подготвува нови дигитални правила што ќе ги обрзат веб сервисите, како Google и Facebook да бараат дозвола од корисниците за да складираат нивни податоци или да ги продаваат за таргетирано рекламирање, пишува Reuters.

Автор: Виктор Дано

Извор: IT.com.mk „Полисата за приватност на Google е спротивно законите на ЕУ“ 1 март, 2012 г.