Според резултатите од анкетата спроведена во 2010 година, деведесет проценти од јавните администрации во Полска користат софтвер со отворен код на еден или друг начин.
Сепак, примената на софтверот со отворен код е релативно мала и истиот не е рамномерно распространет на серверите и десктоп компјутерите. Истражувањето финансирано од полската Фондација за слободен софтвер со отворен код (Fwioo) беше објавено во октомври минатата година, по анализата на интервјуата со 101 ИТ-администратори од централните и локални владини организации.
Резултатите од анкетата покажуваат дека разликите во употребата на софтверот со отворен код зависат од видот на апликацијата. Интернет прелистувачите и канцелариските апликации базирани на софтвер со отворен код се користат повеќе на десктоп компјутерите отколку оперативните системи базирани на софтвер со отворен код. Полската јавна администрација на серверите често го користи оперативниот систем со отворен код – Линукс.
Повеќето ИТ-администратори од јавната администрација велат дека го користат софтверот со отворен код поради буџетските ограничувања и поради трошоците за комерцијалните лиценци.
Локална самоуправа
Организацијата за слободен софтвер со отворен код Fwioo овој месец соопшти дека се приклучува на Фондацијата за поддршка на локална демократија (FRDL). Групата ќе ја направи достапна целата документација за јавна администрација во рамки на мрежата на FRDL и ќе земе учество во конференциите на фондацијата и работилницата за локалните владини организации. Првата ваква средба се одржа во полскиот град Познан, на 21 јануари.
Непрофитната организација FRDL ја обучува и обезбедува консултантски услуги за полската јавната администрација и поддржува проекти кои помагаат во развојот на локалната демократија и управување. Има шеснаесет регионални центри и води четири школи за државни службеници како и полскиот институт за локална демократија.
Извор: OSOR.eu “PL: ‘Ninety percent of public administrations use open source'” 31 јануари, 2011.