Португалската агенција за реформа на јавните служби (АМА) ги обновува главните портали за е-влада наменети за граѓаните и компаниите. Ќе се користи слободниот софтвер за портали Liferay.

Користењето алатки базирани на слободен софтвер, вели Гонзало Казеиро, портпарол на АМА, е „во согласност со европскиот Акциски план за е-влада и неодамна одобрениот португалски глобален стратешки план за рационализација и намалување на трошоците во областа на ИКТ во јавната администрација“.

Казеиро вели дека Liferay бил избран по процес со кој се споредиле неколку алтернативи. Решението базирано на слободен софтвер се покажа како најдобро во однос на сигурноста и флексибилноста, овозможувајќи им на инженерите на АМА да ги изградат функциите на порталот. „Ова решение ќе генерира и заштеди од неколку стотици илјади евра, во споредба со комерцијалните решенија“.

Граѓанскиот портал беше пуштен во употреба во 2004 година, а порталот за компании две години подоцна. Тие се „едношалтерски системи“ обезбедени од јавните администрации во Португалија. Граѓанскиот портал нуди 1.138 услуги од 336 субјекти, додека порталот за компании нуди 4.019 услуги од 143 субјекти.

„Двата портали се централен дел во португалската стратегија за модерна и отворена јавна администрација“, изјави портпаролот на АМА. „Тие се фокусираат на потребите и погодноста за граѓаните и компаниите“.

Порталите се дел од една повеќеканална стратегија за обезбедување јавни услуги. Во другите канали спаѓа национална мрежа од продавници за граѓани и компании и контакт центри на компаниите, со кои може да се контактира преку телефон и преку е-пошта.

Извор: Joinup.eu „Portugal’s citizen and business portals rebuilt using open source“ 31 мај, 2012.