Јужноафриканската комунистичка партија (SACP) неделава упати јавен повик за воведување закон со кој претседателот на земјата ќе се заштити од „навреди”. Повикот, од еден од неговите провинциски штабови, претставуваше одговор на сè поголемото незадоволство на јавноста во врска со 17-те милиони фунти, пари на даночните обврзници потрошени за надградба на приватниот имот на актуелниот претседател, Џејкоб Зума.
Министерот за високо образование и генерален секретар на SACP, д-р Блејд Нзиманде наводно го поддржа повикот од Квазулу Натал од SACP, но подоцна изјави дека повикува на јавна дебата по ова прашање.
Две истраги се во тек околу сумата за „безбедносните надградби“ во приватната резиденција на Зума во Нкандла во руралниот дел Квазулу Натал, кои далеку ја надминуваат онаа за резиденциите на поранешните претседатели.
Во парламентот минатата недела (15 ноември) Зума инсистираше на тоа дека „сите згради и секоја соба што се користи во таа резиденција ги изградивме ние самите“. Во одговор на тоа, Линдиве Мазибуко, лидерот на официјалната опозиција Демократска алијанса, истакна дека надградбите не се ограничени на „безбедност“, туку во нив спаѓаат 31 нови згради, лифтови за подземен бункер, системи за климатизација, центар за посетители, гимназија и гостински соби. Во резиденцијата наводно имало и „негова и нејзина бања“.
Бидејќи прекумерниот износ стана познат на собранискиот состанок во мај годинава, новинарите истражувачи побараа дополнителни информации користејќи го Законот за заштита на пристапот до информации. Меѓутоа, министерството за јавни работи одби да им ги обезбеди информациите, повикувајќи се на Законот за владини згради, што го прави незаконско дистрибуирањето информации за места поврзани со националната безбедност. Министерството за јавни работи исто така започна истрага за да го најде лицето кое ја обелодени информацијата кај медиумите, со цел да го гони кривично.
SACP смета дека прашањата за надградбите во Нкандла, вклучувајќи ги и прашањата на лидерот на Демократската алијанса Хелен Зиле кој ја предводеше посетата на имотот, му наштетуваат на достоинството на претседателот Зума. Преку една прикриена закана, SACP тврдеше дека таквите прашања ќе го поткопаат „внимателно градениот и преговаран процес на помирување и за жал, би можеле да ја фрлат нашата земја во бездна со расни поделби и тензии“.
Закони за навреда кои ги „штитат“ претседателите од критики има во Франција, Шпанија и низ Јужна Америка и Африка.



