Со цел зголемување на свеста за заштита на човековите права меѓу корисниците на новите технологии, претставник на тимот на Метаморфозис на 4 декември 2012 одржа предавање насловено „Слобода на интернет“ на кое учествуваа 65 студенти на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје.

IMG_0672Во рамки на предавањето, преку интерактивна презентација и дискусија со учесниците, беше даден вовед на темите на заштита на приватноста, слободата на изразување и авторските права во дигиталната ера. При тоа предавачот Филип Стојановски ги поврза претставувањата на овие прашања во рамки на популарната култура (научно-фантастична литература и филмови) со примери и трендови од реалниот живот во светот и во Македонија.

На настанот учествуваа студенти од Македонија, Турција, Албанија, Косово, Србија и Црна Гора, кои особено се интересираа за аспекти на користењето на социјалните мрежи (најголем дел од нив се корисници на Фејсбук, но само мал дел на Твитер или блогови), како и аспекти на промоција на содржини и заштита на слободата на говор. Разговарајќи за темите поврзани со набљудувањето (surveillance) голем дел од студентите искажаа загриженост заради растечкиот број закани за приватноста. Преку неколку примери од Македонија и светот (укинувањето на ACTA) тоа беше нагласена важноста на активното граѓанско учество како средство за спречување на тоталитарните тенденции.

Предавањето беше организирано во рамки на програмата за експертска клиничка настава, а во рамки на предавањето беше извршена и промоција и споделување на печатени материјали и линкови до онлајн извори на македонски и албански јазик, како и на можностите за волонтирање како преведувачи во рамки на македонската и албанската верзија на Глобал војсис.