Агенцијата за електронски комуникации вчера поднесе прекршочни пријави против операторите кои до 15 јули не ги усогласија нивните системи со Централната база на податоци за воведување на преносливост на броеви.
Од регулаторното тело информираат дека по нивната пријава судот може да им изрече казна на операторите во износ од 4 до 7 отсто од годишниот приход на операторот остварен во претходната деловна година.
"Само три оператори, ВИП оператор, Т-Мобиле и Мактел го завршија во целост усогласувањето. Тие како оператори, поединечно, се подготвени на граѓаните да им ја пружат услугата преносливост на броеви. За останатите оператори, ако во најкраток можен рок не го извршат системското усогласување со Централната база на податоци, Агенцијата за електронски комуникации ќе ги преземе и сите други мерки што и стојат на располагање согласно Законот за електронските комуникации", се вели во соопштението од Агенцијата, која вчера реагираше дека таа не го опструира или одолговлекува воведувањето на услугата преносливост на броеви.
АЕК по завчерашната средба со операторите информираше дека Космофон, Неотел, Он.тел, Некском и Актон не го испочитувале рокот.
Агенцијата на барање на оператори воведе период за пробно работење на операторите и најави дека по 31 август услугата комерцијално ќе им се понуди на граѓаните
Извор: Вест „Прекршочни пријави за пет оператори“ бр. 2427, 18 јули, 2008.



