Едноминутен телефонски повик кон САД, Австралија, Кина, Јапонија и кон западноевропски земји за 7 денари, а кон Канада за 6 денари. Ова е понудата на компанијата „Расофт нет комуникации“.
Според ценовникот на Телекомот, за телефонски повик кон САД, Канада и Австралија корисникот ќе треба да плати 19 денари за една минута разговор.
Ова е придобивка од либерализацијата во фиксната телефонија, која почна пред неколку месеци и најпрво доведе до драстично намалување на цената на меѓународните разговори. На пазарот веќе има неколку фирми што нудат евтини телефонски разговори со странство. „Македонски телекомуникации“, предизвикана од оваа појава, ги намали цените за меѓународен телефонски повик за 50 отсто.
Корисникот на „Расофт нет комуникации“ не мора да има дополнителен уред или пристап до Интернет, за разлика од другите оператори, кои овозможуваат телефонирање во странство преку интернет-врска. Неопходна е само постојната телефонска линија или мобилен телефон. Корисникот директно се јавува во сервисот на фирмата, каде што се регистрира како линија. По добиениот звучен сигнал се внесува бараниот телефонски број. Наплатата е по систем на однапред купување минути за разговор. Корисникот не купува картичка со импулси, како кај при-пејд разговорите, туку уплатува одредена сума за онолку минути колку што сака да разговара во текот на месецот. Ако, на пример, за Австралија минута разговор чини 7 денари и планирате разговори во траење од 100 минути месечно, на жиро-сметка однапред се плаќаат 700 денари. Минутите што ќе се платат треба да се потрошат во текот на месецот, бидејќи не се преносливи за идниот месец. Треба да се истакне дека разговорите се ограничени на 10 минути. По истекот на првите десет минути, ако некој сака да разговара повторно, ќе мора да ја прекине врската и повторно да го сврти саканиот број.
Со новиот Закон за електронски комуникации се легализира услугата за пренос на глас преку Интернет, со што се разби монополот на Телекомот за повиците кон странство. По формирањето на Агенцијата за телекомуникации, граѓаните очекуваат на пазарот да се појават и фирми што ќе даваат услуги и во класичната фиксна телефонија за локални и меѓуградски повици, што ќе доведе и до поевтинување и на овие разговори.
Дневник