Во Собранието на РМ на 7 јуни 2012 г. ќе се одржи јавна расправа по работната верзија на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за следење на комуникациите. Измените на законот предвидуваат бришење или промена на клучни членови во кои се одредуваат условите под кои смее да се прислушува, временските рокови и обврските за документирање и отчет.

Според соопштението од Собрание:

Целта на јавната расправа е да се обезбеди поширока дебата по работната верзија на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за следење на комуникациите, а во насока на донесување на квалитетен закон и квалитетна подготовка за прифаќање на обврските за членство на Република Македонија во Европската унија.

Националниот совет за евроинтеграции ги повикува заинтересираните субјекти и експерти од соодветната област, да земат активно учество во дебатата со цел подобрување на работниот текст на предлог-законот.

Пријавата за учество на јавната расправа да се достави до Националниот совет за евроинтеграции, најдоцна до 7 јуни 2012 година, до 9.00 часот, на e-mail: nsei@sobranie.mk, или на тел. 311 22 55, локал 289.

Јавната расправа е отворена за медиуми.

Документот може да го симнете ТУКА [pdf]

На веб-локацијата на Министерството за внатрешни работи (предлагачот на измените) може да се најдат претходните и тековната верзија на законот

Според предлогот за изменување, ќе се избришат следните делови од тековниот закон:

  • Член 2: „Никој не смее без наредба на надлежен суд да врши следење на комуникациите, освен ако му се наменети или постои согласност на лицето или лицата кои се вклучени во комуникацијата.“
  • Во Член 5 се брише делот што налага да не може некој да се прислушкува вечно, или цел живот: „Следење на комуникациите може да трае само одредено време, што е потребно за собирање на податоци заради остварување на целите на следењето, определени со овој закон.“
  • Член 8 се брише. Со него се ограничува дека прислушкување како мерка може да се примени само при истрага за одредени, тешки кривични дела (изнуда, уцена, перење пари, тероризам, организиран криминал, поткуп).
  • Член 13 се брише – тој се однесува на официјалната документација поврзана со почеток на прислушкувањето.
  • Член 19 се брише – а се однесува на поднесување официјален извештај и запис од прислушкувањето.
  • Член 21 се брише – се однесува на обезбедување пристап до снимените материјали по наредба на суд.