Еден канал за пренос на дигиталните сервиси ќе добие ЈП за радиодифузија, а другите два канала ќе се дадат на јавен повик.
Дигитализацијата на телевизијата е процес што Македонија официјално не го започнала, а има обврска да го заврши до крајот на 2012 година. За да стартува, неопходно е усвојување законски и подзаконски акти, изготвување фреквенциски план, како и да се усвои стратегија која ќе дефинира како ќе се одвиваат работите. Иако законските акти не се изготвени, Агенцијата за електронски комуникации распиша оглас за да го испипа пулсот дали има заинтересирани компании да вршат пренос на дигитална телевизија. Но, огласот, пред да се завршат законските процедури, не е неопходен во овој момент. Познавачите тврдат дека тој е распишан под притисок на Владата за да се види кои фирми ќе се пријават, бидејќи станува збор за прилично профитабилен бизнис.
Зоран Стефановски, член на Советот за радиодифузија, појаснува дека Македонија има одобрение за 9 мултиплекс радиофреквенциски канали за пренос на дигиталните телевизиски сервиси. Државата ќе искористи само три, од кои, според Стефановски, еден мултиплекс канал ќе добие ЈП за радиодифузија, а за другите два ќе се распише конкурс.
„На една канална радиофреквенција можат да се пренесуваат од 8 до 10 ТВ-сервиси. Јавното претрпијатие за радиодифузија (Македонска Радио Телевизија) може на едниот канал дигитално да ги пренесе двата ТВ- сервиса, МТВ1 и МТВ 2, а може истовремено да ги пренесе и комерцијалните телевизии, ако се постигне договор“, додава тој. Другите два мултиплекс канала ќе се даваат на меѓународен тендер. Можно е една компанија како оператор на дигитална телевизија да ги добие двата канала. Операторот може да ги понуди своите услуги, односно дигитално да ги пренесува петте национални комерцијални телевизии. Доколку, пак, приватните телевизии се одлучат дигитално да се пренесуваат преку мултиплекс каналот на ЈП „Македонска радиодифузија“, тогаш на приватниот оператор на кабелска телевизија му останува на радиофреквенциските канали кои ќе ги најми да понуди други телевизиски странски канали кои ќе ги реемитува, за што граѓаните ќе мора да плаќаат месечен надоместок. На овој начин, операторот кој ќе добие лиценца за дигитална телевизија станува и директен конкурент на кабелските оператори, бидејќи може да понуди филмски, спортски и научни ТВ-канали, се разбира со откупени авторски права.
За да стигне дигиталниот сигнал до домаќинствата, неопходно е секое семејство да има приемник што го прифаќа дигиталниот сигнал или, пак, да набават дополнителен декодер кој ќе направи декомпресија на сигналот за да можат да го гледаат на постојните аналогни телевизори. Еден декодер чини околу 30 евра. Провајдерот „Он нет“ неодамна обелодени дека има проект за дигитализација, кој е веќе одобрен од Министерството за транспорт и врски. Компанијата е подготвена да вложи 30 милиони евра и да набави околу 500.000 декодери и бесплатно да им ги понуди на граѓаните. Но, за следење на програмите граѓаните ќе мора да плаќаат месечна претплата.
Со овој проект, практично „Он нет“ ја искажува заинтересираноста и сериозно се подготвува да биде операторот на дигитална телевизија, кој може да ги добие двата мултиплекс канала. Познавачите на состојбите коментираат дека огласот на Агенцијата за електронски комуникации е распишан по налог на Министерството за транспорт и врски, за да се види дали покрај „Он нет“ и некој друг е подготвен да биде оператор на дигитална телевизија. Дигитализацијата на телевизијата е скап проект, само за потребите на ЈП „Македонска радиодифузија“ се неопходни околу 8 милиони евра. Треба допрва да се види од каде ќе се обезбедат средства, односно дали и со колку пари државата ќе партиципира во преминот од аналогна во дигитална телевизија.
Од Советот за радиодифузија нагласуваат дека при распишување на меѓународниот оглас за избор на компанија за пренос на дигитална телевизија, операторот ќе мора да се обврзе дигиталниот пренос на националните телевизии да биде бесплатен за граѓаните, да не наплаќа за декодерите кои ќе ги обезбеди за домаќинствата, туку само за дополнителните странски ТВ – програми, од што ќе добива сериозен прилив на средства. Освен поквалитетна слика, дигитализацијата овозможува да се пренесуваат податоци, се обезбедува интерактивност, напреден телетекст, електронски програмски водич, учење и купување преку телевизија итн.
Верче Георгиевска
Извор: Утрински весник



