Државјанин на Србија и Црна Гора и гевгеличанец провалиле во семејна куќа во градот од каде што украле компјутер, кој потоа го продале. Нивниот купец техничката стока им ја платил со фалсификувани евра и денари

Државјанин на Србија и Црна Гора и гевгеличанец провалиле во семејна куќа во градот од каде што украле компјутер, кој потоа го продале. Нивниот купец техничката стока им ја платил со фалсификувани евра и денари.

Гевгелиските полицајци поднеле кривична пријава за тешка кражба против Г. М. (36), државјанин на СЦГ и против М. М. (22) од Гевгелија. Гевгеличанецот П. Т. (33), пак, кој го купил компјутерот се сомничи за фалсификување пари.

Двајцата провалници во ноември годинава во Гевгелија извршиле тешка кражба во куќа, од каде што украле компјутер. На 12 декември годинава тие компјутерот му го продале на П. Т., кој им платил со фалсификувани пет банкноти од по 500 денари и со две лажни банкноти од по 200 евра. По ова државјанинот на Србија и Црна Гора со фалсификуваните пари се обидел да плати сметка во кафуле. Тој веднаш бил откриен, а полицијата при претрес кај него ги нашла и другите фалсификувани пари. По ова бил приведен и гевгеличанецот П. Т., кој потоа доброволно предал уште десет банкноти од по 500 денари, една банкнота од 1.000 денари и осум банкноти од по 100 денари, за кои било утврдено дека се фалсификувани. Истражниот судија ги притворил тројцата осомничени.