На 14 февруари 2008 г., Чарли Меккриви – комесарот за внатрешен пазар на ЕУ најави дека во наредните неколку месеци ќе достави предлог до Европската комисија (ЕК) за продолжување на периодот на заштита на авторските права на изведувачите од 50 на 95 години.

Овој предлог би требало да биде подготвен за усвојување од комисијата пред летната пауза во 2008 г. Комесарот Меккриви ја наведе причината за продолжувањето: „Цврсто верувам дека заштитата на авторските права на европските изведувачи (уметници) претставува нивно морално право да ја контролираат употребата на нивните дела и да заработуваат од нив. Изведувачот е тој што и’ вдахнува живот на композицијата и иако повеќето од нас не знаат кој ја напишал нашата омилена песна – најчесто го знаеме изведувачот.“

Комесарот исто така смета дека продолжувањето на периодот на заштита на авторските права нема да има негативно влијание врз цените бидејќи истражувањата покажуваат дека цената на аудио записите на кои им застареле авторските права не секогаш е пониска од цената на оние со важечки авторски права и исто така нема да има негативно влијание врз рамнотежата во Европската надворешна трговија бидејќи повеќето од дополнителните приходи собрани за време на продолжениот период ќе останат во Европа и ќе бидат наменети за европските изведувачи.

Истиот предлог произлезе во Велика Британија во мај 2007 г. како резултат на лобирањето на некои уметници како Клиф Ричард и Роџер Далтри кај Владата на Велика Британија. Сепак, во јули 2007 г., Владата на Велика Британија одлучи да го одбие предлогот.

Оваа тема се анализира и во студијата на Холандскиот институт за информатичко право, нарачана од Европската комисија и објавена во текот на месец ноември 2007 г., но заклучоците од студијата не одат во прилог на продолжувањето на периодот за заштита на авторските права на уметниците.

„Воопшто, може да се заклучи дека продолжувањето всушност би им било од полза само на оние уметници кои дури и по педесет години се сè уште популарни и сè уште имаат приходи и/или добиваат средства од продажбата на нивните снимки – под услов да не се откажале од нивните права со еднократен надомест. Количината на снимки кои се сè уште комерцијално вредни и по педесет години, претставува само мал дел од целокупниот репертоар. Со тоа, придобивките од продолжувањето на периодот на заштита на авторските права единствено би им следувале на ограничен број на изведувачи. Кај поголемиот дел на изведувачи кои не добиле поголеми приходи и по педесет години, во зависност од условите во договорот, продолжувањето на периодот би го спречило комерцијалното експлоатирање на нивните снимки од некој друг или од самите нив, или би спречило тие да бидат достапни за широката публика“ се вели во извештајот.

Заклучок од извештајот: „Авторите на оваа студија не се убедени од аргументите за продолжување на периодот. Периодот на заштита на авторските права кој во моментот е уреден со соодветната Директива (на 50 години од создавањето на делото) е многу подолг од минималниот стандард поставен со Римската конвенција (20 години), и воедно подолг од поранешните периоди на заштита во голем број земји-членки.

Од меѓународна гледна точка, американските рокови на заштита на авторските права се неправилни и не можат да послужат како правно оправдување за продолжувањето на периодот на сродните права во ЕУ.“

Во август 2007 г., членот на ЕДРИ – Опен Рајтс Груп исто така упати остра критика околу продолжувањето на периодот за заштита на авторските права со објаснение дека продолжувањето на периодот „ќе ја спречува иновацијата, ќе влијае негативно на пазарот, и засекогаш ќе го отежни пристапот на идните уметници и публиката до нивното културно наследство.“ Според мислењето на оваа група, оние што би имале корист од продолжувањето на периодот сигурно не би биле „мнозинството од уметниците, бидејќи уметниците генерално не добиваат никаков авторски надомест сè додека издавачката куќа не ги покрие трошоците за производство и промоција, што значи дека 80 проценти од изведувачите не добиваат авторски надомест за нивните записи. Нивниот единствен приход од снимањето е неповратниот аванс на авторски надомест кој им го исплаќа издавачката куќа за да се издржуваат додека работат на нивниот албум. Висината на авторскиот надомест е дефинирана од издавачката куќа и договорена во договори во кои вообичаено има ограничувања на начинот на кој уметникот може да заработува. Како и во секој друг бизнис, издавачките куќи се обидуваат да ги зголемат своите приходи.“

Гоуерс Ривју исто така препорача да се отфрли предлогот врз основа на истражувањето спроведено од експертскиот тим на Универзитетот во Кембриџ кое откри занемарливи економски придобивки од продолжувањето на периодот (2 проценти добивка кај индустриските приходи) но и зголемени трошоци на општествен и економски план.

Комесарот на ЕУ: Да ги продолжиме музичките авторски права до 95 години. Арс: 50 години се доволни

ЕУ предлага уметниците да добиваат авторски надомест 95 години

Подолги периоди на заштита на авторските права наспроти сиромашните изведувачи

Ослободете ја музиката – Дали треба да се продолжи периодот на заштита на авторските права за аудио записи?

Извор: ЕДРИ-грам – Предлог до ЕК за продолжување на периодот за заштита на авторските права на изведувачите бр. 6.4, 27 февруари 2008