Тоа се вашите пари

26.04.2016

Проекти

Период на спроведување: 1 ноември – 30 декември, 2015

 

Со проектот „Тоа се вашите пари“ Метаморфозис успеа да креира капацититети за продукција на видео-документарци за тековни општествени прашања фокусирани на истражувачко новинарство во врска со трошењето на парите на даночните обврзници во Македонија. Во краткиот временски период беше формирана мрежа на обучени и опремени дописници која продуцираше, објави и промовираше 6 видео-стории од 6 различни региони на земјата.

Проектните активности опфаќаа подготовка и градење капацитети на дописничката мрежа, продукција на видео-стории, како и нивно објавување и промоција.

Сториите беа прво истовремено објавени од новинската агенција Мета.мк на македонски, албански и англиски јазик и од порталот за вести Порталб.мк на албански, а потоа ре-емитувани на три јазици преку мрежа на медиуми составена од 22 национални и локални веб-портали и две локални телевизиски станици, како и преку социјалните мрежи. За само една недела тие допреа до над 190.000 корисници на социјалните мрежи, како и до неколку стотици илјади гледачи преку телевизиите. Сториите имаа мерливо влијание и на национално ниво, а особено во локалните заедници во регионите на Скопје, Тетово, Прилеп, Битола, Велес и Струмица.

Собраните реакции на граѓаните и новинарите укажуваат дека овој вид стории, кај кои во прв план се потребите на обичните луѓе, се пополнува важна празнина во македонскиот медиумски простор. Недостатокот на програми од овој тип кај мејнстрим медиумите доведува до зголемен интерес кај широката публика. Граѓаните високо го ценеа тоа што новинарите обрнуваат внимание на нивните секојдневни потреби и искажуваа барања да продолжи таквиот пристап. На локално ниво сториите послужија како основ за јавни дискусии и обраќања до општините за поголема отчетност и транспарентност. Општинските власти во три општини реагираа веднаш по нивното објавување, во случајот на Прилеп со решавање на дел од проблемите (во домот за пензионери), или преку изјави.