Компјутерџиите ќе се борат за светски шампионат
Компјутерџиите од земјава ќе можат првпат да си ги измерат силите на национално ниво на првенство во електронски спортови, што ќе се одржи на 21 и 22 мај во просториите на интернет-клубот „Инсомнија“ во Скопје. Играчите ќе се натпреваруваат во тимови од по пет учесници во играта Кантер страјк (Couter Strike) и поединечно во Воркрафт 3 (Warcraft 3). Победниците во Кантер страјк ќе ја претставуваат Македонија на светското првенство за електронски спортови (Electroic Sports World Cup), што ќе се одржи од 5 до 11 јули во Париз и ќе се борат за награда од 120.000 евра.
– На финалниот турнир ќе учествуваат победниците на националните квалификации од повеќе од 60 држави. Манифестацијата ќе се одржи во срцето на Париз, Гранд холот на музејот „Лувр“, на површина од 7.100 квадратни метри. Натпреварувачите ќе играат на повеќе од 500 најсовремени компјутери, а се очекува директните мечеви да ги следат повеќе од 40.000 посетители – вели Зоран Стаменов, сопственик на „Инсомнија“.
Организатор на македонското првенство е Клубот за електронски спортови „Форум“ од Белград.
– „Форум“ е сопственик на лиценцата за организирање на натпреварите за бившите ју-земји, освен Словенија. На 14 мај ќе се одржи првенството во Србија и Црна Гора, потоа во земјава, во Босна и Херцеговина и во Хрватска. Победниците од четирите земји најверојатно ќе се сретнат во Србија и Црна Гора на таканаречен бут-кемп, каде што ќе се подготвуваат за првенството – објаснува Стаменов.
Од следната година на светското првенство ќе се појават и компјутерџии што ќе ги покажат своите вештини во Воркрафт 3.
– Оваа игра се смета за мастерс-дисциплина, што значи дека сега е пробна, а од 2006 година ќе се игра на светското првенство. Во следната година ќе има еден македонски претставник што ќе ја покаже умешноста во Воркрафт 3 – објаснува Стаменов.
Првенството во земјава е поддржано од Агенцијата за млади и спорт. Кабелската телевизија “Пинк” ќе ги пренесува натпреварите во четирите балкански земји.