Ефектот на дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси во Северна Македонија во 2025 година


Оваа анализа нуди сеопфатен преглед на спонзорираното политичко рекламирање на платформите на Мета (Фејсбук и Инстаграм) за време на последниот 20-дневен период на мониторинг во рамки на локалните избори во Северна Македонија во 2025 година. Во периодот од 29 септември до 17 октомври 2025 година, мониторингот опфати 52 кандидати за градоначалници и политичките субјекти што ги поддржуваат во 26 стратешки избрани општини.
Од мониторираните 52 кандидати, 28 кандидати (54%) активно се рекламирале, односно спонзорирале објави на најмалку една од платформите на Мета. Во рамки на овој локализиран 20-дневен мониторинг беа евидентирани 23.308 евра. Најголем дел од рекламите на страниците биле спонзорирани директно од самите кандидати (92,6%), додека остатокот бил финансиран од политичките партии што ги претставуваат. Дополнително прибраните кумулативни податоци за целокупното политичко рекламирање во Северна Македонија на Meta Ad Library, за истиот период, покажуваат дека само 50-те најактивни политички страници потрошиле вкупно 153.342 евра, што укажува на доминација на централните страници на париите и на државните и партиските функционери во однос на индивидуалните кандидати за градоначалници. Бидејќи најголемите вкупни трошоци ги имаат национални политички субјекти и партиски лидери, а не локални кандидати за градоначалници, ова упатува на заклучок дека партиите го централизирале буџетот за промоција на своите лидери и национални платформи, што потоа се пренесува и на локално ниво.
Евидентираните трошоци за рекламирање на социјалните мрежи на платформите на Мета, направени од 28 кандидати кои спонзорирале свои објави (54% од вкупно 52-те следени кандидати), опфатија 812 активни реклами. Од нив, беше забележана изразена концентрација на дигитална активност во скопскиот регион, поточно во општините Чаир, Кисела Вода и Бутел, кои заедно учествуваа со 55% од вкупно следениот буџет.