Работилницата за подигнување на свеста на јавната администрација во Авганистан за потенцијалот на слободниот софтвер ќе се одржи во главниот град на земјата, Кабул, во септември. Работилницата е финансирана и поддржана од Програмата на НАТО „Наука за мир и безбедност“.

Јавните организации во Авганистан почнуваат да ја развиваат своите инфраструктури за ИТ од нула, објаснува организаторот на работилницата, Волфганг Финке, професор за бизнис менаџмент и бизнис информатички системи на Универзитетот Јена за применети науки во Германија. „Сепак, повеќето менаџери од јавниот сектор и ИТ-директори во Авганистан не се свесни за можностите кои ги нуди стратегијата за слободен софтвер“.

Тој исто така вели дека употребата на скапи комерцијални ИТ-решенија не е одржлива во Авганистан. Тие решенија често немаат соодветни лиценци, што влијае штетно врз безбедноста на овие системи. „Системите на крајните корисници ќе бидат особено подложни на вируси, попречувајќи ја професионалната примена и употреба на информатичките системи. Истовремено, постои итна потреба за такви информатички системи кај многу од поголемите јавни организации во Авганистан“.

Работилницата во Кабул има три цели. Нејзината примарна цел е да ја подигне свеста за слободниот софтвер кај генералните менаџери и врвните ИТ-менаџери во авганистанските јавни институции. Втората цел на работилницата е да се покажат практични примери користејќи ги искуствата од другите јавни администрации. Третата цел е да се најдат начини за користење на слободниот софтвер и справување со потенцијалните пречки.

Финке вели дека Авганистан нема центар за обуки за слободен софтвер. Таквиот центар би можел да обезбеди професионална обука и техничка поддршка за јавниот сектор.

Финке: „НАТО укажа дека ќе се размислува за спонзорирање на дел од инфраструктурата. За жал, ќе биде потребна поголема поддршка и сè уште бараме и други извори на помош“.

НАТО им помогна на универзитетите во Авганистан да постават интернет-конекции и им помага во изградбата на нивните мрежи во кампусите, поддржувајќи ги активностите на движењето за слободен софтвер во земјата кое е во зачеток.

Извор: Joinup.eu „Workshop promotes open source use by Afghanistan’s public institutions“ 26 јуни, 2012.