Интернет-провајдерот „Он.нет“ ќе им овозможи на телефонските корисници во Македонија разговори со странство за само 15 денари од минута

        Интернет-провајдерот „Он.нет“ ќе им овозможи на телефонските   корисници во Македонија разговори со странство за само 15 денари од минута, со што се разбива монополот на „Македонски телекомуникации“, истакна на вчерашната прес-конференција Предраг Чемерикиќ, сопственикот на компанијата.

        Со новата  услуга наречена „Озон“, според него, граѓаните ќе можат да заштедат до 70 отсто на телефонски разговори со странство. Компанијата најавува дека во октомври ќе го воведе овој принцип и во локалните разговори.

        „Озон“ функционира преку припејд-картички од 500, 1.000 и 3.000 денари. За нејзиното користење не е потребен компјутер, Интернет или адаптер, туку само обична телефонска линија. Корисникот треба да го заврти бројот на централата за меѓународни разговори, кој е назначен на картичките. Потоа да го внесе пин-кодот на картичката и по добиениот сигнал да го повика бројот во странство без почетните 00. Разговорите чинат 15 денари за минута кон фиксен телефон во која било земја во светот. Повиците кон странските мобилни телефони чинат 20 денари. Тарифирањето е по секунда.

        – Од 1 март годинава телекомуникацискиот пазар во Македонија се либерализира. „Озон“ е првиот конкретен и сериозен чекор кон воведување конкуренција во оваа област. Таа е целосно во согласност со одредбите на новиот закон за телекомуникации – рече Чемерикиќ.

        Тој, сепак, додаде дека очекува пречки од телекомот и од државата при нивниот влез на телекомуникацискиот пазар.

        – Очекувам телекомот да изврши огромен притисок врз Владата со подзаконски акти и да ги спречи другите компании да влезат на пазарот. Дивидендата од повеќе од 40 милиони евра, која телекомот не и ја исплати на Владата, може да се искористи како уцена. Ако државата го продаде својот дел во „Македонски телекомуникации“, ќе земе многу повеќе пари отколку со дивиденди. Ќе биде чесен судија при спорови меѓу компаниите и ќе ја поддржува конкуренцијата – додаде Чемерикиќ.