Информатичката технологија треба да се користи во процесот на трансформирање на демократијата, и за да се изврши усогласување со ЕУ стандардите и практиките во ИКТ секторот, Македонија треба да ги подобри стратегиите за ИКТ со што би се подобрило функционирањето и ефикасноста на е-владата, препорачаа учесниците во проектот Ви-Го (We-Go) од Европа.                 

 

Подоцна, во текот на работилницата, претставници на министерствата за правда, финансии, Управата за јавни приходи, Царинската управа, Агенцијата за државни службеници итн., ги презентираа ИКТ стратегиите на овие министерства и агенции како и нивните тековни и идни проекти.
Тие исто така ги презентираа услугите на е-влада (е-влада се дефинира како употреба на ИКТ во јавната администрација комбинирана со организациски промени и нови вештини со цел да се подобрат јавните услуги и демократски процеси, и да се зајакне поддршката за јавните политики) кои овие институции ги обезбедуваат:

Управа за јавни приходи – е-финансии

• Систем за размена на информации за ДДВ (ВИЕС)
• е-данок – сервис за поднесување на даночни пријави (Проект за е-владеење на УСАИД)
• Можност за онлајн пополнување на даночни пријави, со што се намалуваат трошоците, се елиминираат човечки грешки и се овозможува побрзо и поефикасно прибирање на даноци.
• Обезбедување на помош и совети за даночните обврзници со цел доброволно да ја извршуваат својата одговорност
• Системот го користат 130-те најголеми компании во Македонија

Зголемената транспарентност, безбедност, пристап до информации и услуги за даночните обврзници се само некои од придобивките од овие информатички решенија.

Царинска управа – е-царина

Обезбедување на сите потребни процедури за унифицирање на функционирањето на царинскиот систем
Поддршка за фискалните, заштитните и контролни механизми на царинскиот систем

Интегриран систем за гранично управување (проектот е во тек):
• Еден шалтер: можност за увозникот/извозникот да ја поднесе целата потребна документација до одредената институција во еден чекор
• Извршување на потребната гранична контрола во еден чекор

Министерство за правда – е-правда

ИКТ стратегија за компјутеризација на судството:

• Обезбедување на интернет во сите судови, обновување на хардверот и вработување на ИКТ персонал
• Надградба на Судскиот информатички систем и обука за персоналот
• Развивање на нови софтверски решенија
• Воведување на електронски методи во судските процеси (пр. Автоматизираниот систем ќе одлучува кој судија ќе работи на некој случај)
• Воспоставување на независно и функционално судство

Биро за јавни набавки – е-набавки

e-набавки (Проект за е-владеење на УСАИД):

• Онлајн систем за поддршка на процесот на набавување
• Елиминирање на човечкиот фактор и обезбедување на фер и конкурентен тендерски процес

Бирото за јавни набавки е во фаза на развивање на нов софтвер и систем, соодветен на новиот Закон за јавни набавки.

Агенција за државни службеници – е-администрација

Систем за електронско архивирање (влада без хартија)
Онлајн систем за вработување кој го замени претходниот неефикасен систем за вработување на државни службеници (86 проценти од апликациите сега се поднесуваат онлајн)

За да се идентификуваат потребите за ИТ обуки на државните службеници во јавната администрација во Република Македонија, преку проектот „Процена на потенцијалот за добро управување во Македонија“ кој го реализира Фондацијата Институт Отворено Општество – Македонија во соработка со Генералниот секретаријат на Владата на РМ и Фондацијата Метаморфозис беше спроведена анкета на државните службеници.
Податоците од ова истражување ќе се наменат за утврдување на главните приоритети за ИТ обуки, планирање на соодветните буџети и истовремено за обезбедување на клучна помош во дизајнирањето на модули за идната обука на државните службеници.

Меѓу другото, поголем дел од претставниците на министерствата изјавија дека имаат недостиг од персонал во нивните ИТ сектори, и дека е потребно вработување на дополнителен ИКТ кадар.