На 1 февруари, 2009 г., неколку стотици Романци се собраа да протестираат против воведувањето на задолжителните биометриски пасоши од почетокот на 2009 г.

Настанот следува по издавањето на првите пасоши со биометриски идентификатори (вклучително и отпечатоци) на крајот на јануари во округот Илфов, за првпат во државата. Неколку видни членови на православната црква жестоко ја оспорија одлуката бидејќи ја сметаат за прв чекор кон воведувањето на биометриски идентификатори во сите лични карти, што претставува директно дејство против слободата на вероисповед и изразување или правото на приватен живот.

Неколку про-православни граѓански групи се обединија под името „Коалиција против полициската држава“, започнаа онлајн петиција со повеќе од 15.000 потписи, повикувајќи на укинување на биометриските пасоши и биометриските возачки дозволи, сè додека ситуацијата не се објасни соодветно од страна на властите. Коалицијата исто така организираше настан на 1 февруари пред палатата на патријаршијата и соопшти дека еден адвокат започнал граѓанска постапка во суд со цел да се прекине одлуката на владата со која се овозможува издавањето на биометриските пасоши.

Луѓето што протестираа носеа транспаренти на кои беше испишано “Дозволете ни да избереме!“ или „Поддржете ја црквата! Одбијте го имплантот“. Неколку говорници ја изразија својата загриженост дека наложувањето на задолжителни биометриски исправи за идентификација е обид да се направат луѓето исти како добитокот и дека тоа е првиот чекор кон целосната контрола од страна на државата. Другите пак, имаат предвид дека новиот електронски чип го содржи бројот 666, којшто според нив, го означува првиот чекор кон Апокалипсата. Екстремно-десничарската партија Нова Дреапта се придружи на демонстрацијата со своите специфични знамиња.

Православната црква на Романската патријаршија одби јавно да ги поддржи настаните, апелирајќи за мир и молитви, но истовремено побара повеќе информации од Романската влада околу биометриските пасоши. Официјално мислење треба да се издаде по нивниот состанок на 27-28 февруари, 2009.

На 4 февруари, сличен настан организиран од Коалицијата против полициската држава собра повеќе од 100 лица со слики од политичари кои изгледаат како овци. Организаторите протестираа поради фактот што не беше иницирана јавна дебата од страна на Владата со цел да се процени општественото, економско и религиозно влијание на одлуката да се имаат задолжителни биометриски пасоши.

И во двата случаи, учесниците исто така протестираа против новиот Закон за задржување на податоците, објаснет како Закон што ќе им овозможи на властите „да ги снимаат и да ги зачувуваат сите електронски комуникации на романските граѓани“.

Друга граѓанска организација – Комесаријатот за граѓанско општество објави дека го тужел својот телекомуникациски провајдер Оранџ за да го принуди да ги почитува договорните обврски во врска со доверливоста на комуникациите. Со тоа, провајдерот не треба да го имплементира Законот за задржување на податоците. Организацијата сака да ја искористи оваа можност за да се оспори Законот пред Уставниот суд врз основа на правото на приватност.

Извор: ЕДРИ-грам “Romania: Protests against biometric passports” бр. 7.3, 11 февруари, 2009.