По притисокот што Европската комисија го изврши врз романските власти за спроведување на Директивата за задржување податоци и покрај одлуката на Уставниот суд од 2009 година против законот за задржување податоци, се појави нов предлог-закон, но беше одбиен од Сенатот на крајот на 2011 г.
Романското Министерство за комуникации и информатичко општество (MCSI) се обиде да го промовира новиот предлог-закон како владин предлог, но не успеа да го стори тоа поради непознати причини. Романската агенција за заштита на податоците одлучи да не го поддржи новиот предлог-закон, бидејќи членот во врска со безбедносните институции што ќе задржуваат податоци сè уште има недоречености.
Текстот е всушност сличен на стариот закон кој беше прогласен за неуставен, па дури и полош во некои конкретни случаи, како на пример судското одобрение за пристап до задржаните податоци кое е нејасно во новиот предлог-закон. Сепак, MCSI ги отфрли тврдењата на граѓанското општество дека новиот закон е сè уште неуставен и одлучи да продолжи со истиот предлог.
На крајот, министерот го промовираше законот како своја иницијатива во Домот на пратеници (затоа што тој е и пратеник) заедно со партиски колега. Законот беше испратен на дебати во Сенатот, каде што наиде на необична гледна точка од Владата која одби да го поддржи законот и соопшти дека Собранието треба да одлучи за предлог-законот, поради конфликтот меѓу одлуката на Уставниот суд и Директивата на ЕУ за задржување податоци.
Брзо се одржа расправа на Сенатот за законот, откако Комисиите за закони и човекови права одлучија да предложат одбивање на законот, бидејќи неговата содржина е слична на онаа што веќе беше прогласена за неуставна. На 21 декември, 2011 г., Сенатот едногласно одлучи дека законот треба да се отфрли.
Сепак, гласањето во Сенатот е само консултативно во однос на овој закон и одлучувачкото гласање ќе се изврши во Домот на пратеници, чиишто комисии ќе одржуваат расправи за законот почнувајќи од февруари 2012 година.
- Data retention: Commission requests Germany and Romania fully transpose EU rules (27.10.2011)
- EDRi-gram: New draft law for data retention in Romania (29.06.2011)
Извор: ЕДРИ-грам „Romanian Senate rejects the new data retention law“ бр. 10.1, 18 јануари, 2012.



