Еден руски сенатор неодамна предложи драстична затворска казна од 15 години за хакерите кои ги напаѓаат веб-локациите на владата.
Предлогот на сенаторот Руслан Гатаров, кој е исто така организатор на младинската група во Кремљ, уследи по хакерскиот напад изведен врз опслужувачот на Московскиот суд Камовнически на 21 август, 2012 година.
Една анонимна група ја презема одговорноста за упадот во веб-локацијата на судот и за објавувањето на одредени интерни судски документи на 21 август 2012 година. Групата наводно го заменила и оригиналниот текст на почетната страница на сајтот на судот со слогани со кои се апелира за ослободување на панк-групата „Pussy Riot“, на сајтот на судот објавила и музички видеозапис од хомосексуална природа со бугарскиот пејач Азис, ги сменила насловите на делови од веб-локацијата додавајќи потсмевачки и срамни коментари и поставила една од песните на „Pussy Riot“ да се репродуцира автоматски при отворањето на самата веб-локација.
Акцијата на оваа група е резултат на одлуката на рускиот суд од 17 август 2012 година да им изрече двегодишна затворска казна на трите девојки од панк-групата „Pussy Riot“ поради „хулиганство базирано на верска омраза“ откако ја испеаја песната „Дева Маријо, избави нè од Путин“ во Катедралата на Христос Спасителот во Москва, во февруари.
Хакерскиот напад е само една од реакциите против казната на изведувачите. Случајот на овој бенд предизвика силни протести низ целиот свет, па дури и изјави на загриженост од странски влади, како онаа на британскиот министер за надворешни работи Алистер Барт, кој изрази длабока загриженост во врска со казната, нарекувајќи ја „несразмерна реакција на изразено политичко убедување“. Амнести интернешнал ја нарече пресудата „брутален удар за слободата на изразување“ во Русија. „Руските власти треба да ја поништат одлуката на судот и да ги ослободат членовите на групата ‘Pussy Riot’ веднаш и безусловно“, изјави Џон Далуисен, директор на програмата на Амнести Интернешнал за Европа и Централна Азија.
Во јуни, писмо со поддршка за трите жени, потпишано од над 200 руски личности од културата, познати писатели, музичари и актери, беше објавено на веб-локацијата на радиото Ехо Москви и собра околу 45.000 потписи.
Исто така во јуни, група од православни верници испрати отворено писмо до патријархот Кирил, поглаварот на Руската православна црква, барајќи милост за трите уапсени жени, додека во август група од адвокати објави отворено писмо во кое се наведува дека активностите на трите жени не може да се квалификуваат како кривично дело и дека со нивната казна се прекршуваат руските закони.
По инцидентот со хакерскиот напад, Врховниот суд побара од Истражниот комитет да отвори криминално досие за хакирањето, а според Лариса Жукова, официјален претставник на Одделот К при Руското министерство за внатрешни работи, Одделот е подготвен да го истражи случајот.
- Russia: Senator Wants 15 Years in Prison for Hackers (26.08.2012)
- Hackers allege attack on Khamovnichesky court mail server (21.08.2012)
- Moscow Khamovnichesky Court website resumes work after hackers attack (21.08.2012)
- Court website attacked after Pussy Riot punk band convicted (21.08.2012)
- Russian court jails Pussy Riot for two years (17.08.2012)



