Многу влади го користат интернетот за ограничување на слободата на изразување во нивните земји, вели американскиот Стејт департмент во својот најнов годишен извештај за човековите права.
Според извештајот, во голем број случаи, новите форми на електронски комуникации се ограничуваат за да се контролира домашното несогласување.
Во опсежниот извештај исто така се нагласуваат константните прекршувања на човековите права на Ујгурите во Кина, како и убиствата во Северна Кореја без претходно судење.
Критики се упатуваат и до Иран, Шри Ланка, Бурма и Швајцарија.
Државниот секретар на САД Хилари Клинтон ги опиша годишните извештаи за земјите, законски барани од страна на Конгресот – како „важна алатка во развојот на практична и ефективна стратегија за човекови права од страна на Владата на САД“.
Во извештајот се вели дека во текот на изминатата година голем број влади применувале „многу широки толкувања на тероризмот и овластувањата во вонредни состојби“ како начин за ограничување на правата на притворените лица и на другите основни човекови права.
Во извештајот се вели дека 2009 била година во која повеќе луѓе добиле пристап до интернет, но и година во која владите потрошиле повеќе „време, пари и внимание“ на изнаоѓање начини за контролирање на интернетот.
Блокирање на изборите
Според извештајот, кинеската влада е меѓу најголемите прекршители кога станува збор за блокирање на комуникациите.
Владата „ги зголеми своите напори за следење на употребата на интернетот, контролирање на содржините, ограничување на информациите, блокирање на пристапот до странски и домашни веб-сајтови, поттикнување само-цензура, и за казнување на оние кои ги прекршуваа прописите“, се вели во извештајот. Илјадници луѓе на сите нивоа на политичкиот живот се распоредени за следење на електронските комуникации, се додава во извештајот.
„Владата повремено го блокираше пристапот до одредени веб-сајтови, управувани од поголеми странски новински агенции, здравствени организации, странски влади, образовни институции, како и сајтови за социјално вмрежување и интернет пребарувачи кои овозможуваат брза комуникација или организација на корисниците“.
Иран е уште една земја во која веб-сајтовите како Фејсбук и Твитер беа блокирани. „Во пресрет на претседателските избори во јуни, на денот на изборите, и во текот на протестите во Ашура на 27 декември, кога властите приведоа 1.000 лица, а најмалку осум лица загинаа во уличните судири, Владата го блокираше пристапот до Facebook, Twitter, и други веб-сајтови за социјално вмрежување“ се вели во извештајот.
Во извештајот исто така е наведено:
- Дискриминацијата на муслиманите во Европа „сè повеќе загрижува“.
- Шри Ланка ги прекрши човековите права на крајот на минатогодишната кампања против Тамилските тигри и исто така ја ограничи слободата на печатот.
- Насилството и прекршувањата на човековите права во рускиот регион Северна Кавказија драматично се зголемија во текот на изминатата година.
- Воената хунта во Бурма продолжи со „прекршувања на човековите права и злоупотреби“.
- Куба „продолжува да им ги ускратува основните човекови права на своите граѓани“.
Извор: BBC News “Internet restrictions curtail human rights, says US” 11 март, 2010.



