Францускиот претседател Николас Саркози вели дека 15 отсто од буџетите за ИТ на француската јавна администрација се трошат за купување на услуги базирани на слободен софтвер и дека оваа сума расте 30 отсто годишно, извести CNLL, трговска група која ги застапува ИТ компаниите кои обезбедуваат услуги базирани на слободен софтвер. Саркози и пренесе на групата дека слободниот софтвер има „стратешко значење за развојот на францускиот дигитален сектор“.

Во текот на изминатите месеци, CNLL од сите кандидати за претстојните претседателски избори го побара нивното мислење за теми поврзани со слободниот софтвер. Трговската група оваа недела пишува дека двајцата главни кандидати, Никола Саркози и Франсоа Холанд, ќе ги поддржуваат политиките со кои се фаворизира овој вид на софтвер.

Холанд нагласува дека слободниот софтвер овозможува споделување апликации и ја зголемува конкуренцијата кај давателите на ИТ-услуги.

Трговската група, исто така, соопшти дека двајцата кандидати ветиле поддршка за малите и средни претпријатија. Саркози ги посочи даночните олеснувања кои неговата влада им ги овозможила на малите и средни претпријатија, а Холанд вети дека на малите и средни претпријатија ќе им се овозможи да конкурираат во јавните набавки, со назначување на специјален посредник.

Мислењата на кандидатите се разликуваат во однос на прашањето дали да се дозволи патентирање на софтвер. CNLL пишува дека Холанд се спротивставува на таквите патенти, наведувајќи ја „постојаната посветеност која започна со битката предводена од“ социјалистичкиот европратеник Мишел Рокард. „Ние ќе обезбедиме дека спроведувањето на патентот на Заедницата нема да биде можност да се озаконат софтверските патенти, математички методи и бизнис методите“. Според CNLL, Саркози ги поддржува софтверските патенти.

Двајцата, исто така, не се согласуваат околу улогата на слободниот софтвер во образованието. CNLL вели дека Саркози „се залага за поголема улога на слободниот софтвер во образованието, но без да биде приоритетен“. За Холанд, слободниот софтвер ќе биде приоритет: „Образованието не треба од студентите да направи само обични потрошувачи на ИТ, туку творци кои можат да дешифрираат и кои можат да пишуваат код за овој дигитален универзум“.

Извор: OSOR.eu „Sarkozy: Administration open source spending grows 30 percent annually“ 21 април, 2012.