Извештајот за транспарентност издаден од Google покажува зголемување на нивото на владини барања за приватни податоци и отстранување содржини во периодот од јануари до јуни 2011 г.

Ова е прв пат Google да открива не само информации за бројот на барањата за лични податоци поднесени од страна на владите, полициските агенции и судовите, туку и барања за отстранување содржини со кои наводно се кршат правата или законите.

„Најчесто политиката која влијае на начинот на проток на информациите на интернет се креира во отсуство на емпириски податоци. Но, преку покажувањето на шаблоните на сообраќај и нарушувањата на нашите услуги и преку споделување на информацијата за тоа колку барања примаме од владите за податоци на корисници и отстранување содржини низ светот, се надеваме дека ќе понудиме некои параметри со кои ќе придонесеме за јавната дискусија околу законите што влијаат врз начинот на којшто луѓето комуницираат на интернет“, соопшти Google во врска со својот извештај за транспарентност.

Според овој извештај, владите во светот побарале лични податоци на околу 25.500 лица, од кои 11.000 биле американски граѓани. Бројот на американските барања веројатно бил поголем од наведеното во извештајот, ако се земе предвид дека дел од нив се тајни и доверливи барања – во прилог на државната безбедност.

Додека владата на Обединетото Кралство поднесуваше барања во врска со приватност, поттикнување насилство или говор на омраза и „друго“ (тука спаѓаат и граѓанските предмети и судски налози), кои Google делумно или целосно ги исполни со стапка од 82 %, германската влада се чини дека главно се занимаваше со екстремизмот, а особено со нацистичките материјали поставени на YouTube. Германските барања за отстранување содржини се зголемија за 38 отсто, покажувајќи сè поголема потреба за контрола на содржините на интернет поставени од германските граѓани.

Во извештајот се забележува и пораст од над 25 % (во споредба со претходниот период на известување) на барањата за податоци на корисници, особено од Франција и Шпанија. Другите европски земји, како Полска и Русија за првпат се појавија на списокот.

Во извештајот се наведени и судските налози и барања од Претседателството на турската агенција за информатички и комуникациски технологии за отстранување видеа на YouTube и блогови. Blogger беше делумно непристапен во Турција во текот на овој период и Google наложи ограничувањe на пристапот на турските корисници до видеа на YouTube кои се чинеше дека ги нарушуваат локалните закони и ги отстрани блоговите поради кршење на Условите за користење на Blogger.

Google ги објави овие приближни податоци за барањата и за да им овозможи на програмерите и истражувачите да ги анализираат и потврдат со информации од други организации, со цел да се воспостават хипотези за владиното однесување на интернет.

Со откривање на овие бројки со извештајот, станува очигледно дека владите треба да го ажурираат своето застарено законодавство кое не држи чекор со развојот на современата електронска технологија.

Извор: ЕДРИ-грам „Higher numbers of content removal requests from governments to Google“