Интервју со г. Тито Беличанец, претседател на Одборот за акредитација
Формирање пет нови приватни високообразовни институции, разгледување на новите студиски програми на факултетите и усогласување на профилите согласно барањата на пазарот на трудот се главните задачи на Одборот за акредитација во наредните два месеца. Претседателот на Одборот Тито Беличанец признава дека поради задоцнетото конституирање на Одборот немаат целосен увид до каде се реформите во универзитетите.
Дневник: Кои обврски треба да ги исполни Одборот, кој се конституираше со задоцнување од четири месеци?
– Треба да го завршиме акредитирањето на студиските програми на скопскиот и на битолскиот универзитет. Се работи за многу голем број факултети со развиени студиски програми. Врз основа на сознанијата подготвивме т.н. привремени решенија за акредитација. Повеќето факултети се во процес на менување на студиските програми и нивно усогласување со Болоњската декларација или се уште не ги исполниле нормативите и стандардите според Законот за високо образование, а им остануваат уште три години. Останува да подготвиме еден целосен извештај за состојбите на двата универзитета, кој ќе го доставиме до Владата и до Собранието. Уште немаме податок за Тетовскиот универзитет, за на кој предлагаат упис на 2 500 студенти. Тие беа универзитет во основање и треба да се провери што е направено од основањето досега и што треба допрва да се направи. Тие имаат привремена акредитација и се уште ги немаат исполнето сите основни услови. Очекувам дека бројот на студентите што планираат да ги запишат ќе го усогласат со нормативите и стандардите.
Дневник: Колку приватни установи чекаат акредитација?
– За Европскиот универзитет постапуваме по одлука на Врховниот суд, која не обврза повторно да ја разгледаме и да се држиме според условите на законот. Потоа, за Универзитетот на Њу Јорк во Скопје, установа што моментно има акредитација на факултет. Сега се подготвува проектот заедно со локален инвеститор. Ќе се реновира хотелот во Сарај, каде што се предвидува да функционира универзитетот. Следниот проект е Евроколеџ во Куманово. Има проект од локални фирми за факултет за модерни европски студии и за економски и правни студии. Покрај овие, имаме барања за додипломски на постојните факултети. Ќе гледаме да ја завршиме процедурата до почетокот на јули и тие ќе може да бидат објавени со уписниот рок во септември.
Дневник: Ќе се измени ли наскоро Законот за високо образование во согласност со Болоњскиот процес и кои се последиците ако задоцни процедурата?
– Можеби ние сме меѓу првите земји што во закон ги вградија нормативите на Болоњскиот процес. Но, оставено им е на факултетите да одлучат како ќе ја реализираат. При спроведувањето не се оствари очекуваното, факултетите останаа статични и чекаа да видат кој ќе го направи првиот чекор. Задолжителното реализирање на процесот ќе биде новината во законот. Процедурата не е задоцнета и нема да им наштети на универзитетите.”
Дневник: Новите студиски програми значат приспособување на пазарот на трудот?
– Потребите на пазарот на труд даваат искривена слика. До неодамна на светскиот пазар неконкурентни беа индустриите. Наеднаш станаа профитабилни. Мора да бидеме внимателни и да имаме константна продукција на еден вид кадар што подразбира сите технички факултети да се приспособат на изменетата структура на македонското стопанство. Неодамна една странска фирма сакаше да отвори фирма и да вработи околу 300 информатичари. Верувале или не, од сите приватни информатички фирми не можевме да собереме ниту половина од потребниот број. Тука треба да ја направиме промената во законот. Тоа не може да го прави факултетот, туку универзитетот. А тој треба да има сопствен институт кој ќе прави анализи. Нема проблем за кадар и простор за профилите хемија, географија, историја, но немаме интерес. Тоа ќе ни се одмазди кога-тогаш. Тоа се фундаментални науки. Ако продолжиме со неконтролиран упис на правници и на економисти, ќе имаме инфлација од нив.