Студентите од универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од почетокот на годинава не можат да сурфуваат на Интернет, поради слабата врска на компјутерите

        Студентите од универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од почетокот на годинава не можат да сурфуваат на Интернет, поради слабата врска на компјутерите. Европската Унија минатата година целосно ја финансирала интернетската врска на скопскиот универзитет, но во новата година донацијата секнала. Најстариот универзитет во земјава сега ја моли Владата да даде неколку стотици илјади евра за студентите да можат да се поврзат на Интернет. 

        – Европската Унија направи интернационален проект за земјите од Југоисточна Европа. Проектот во 2004 беше целосно финансиран од ЕУ, за да се придвижиме напред во технологијата. Од оваа година ЕУ ќе финансира само 50 отсто од проектот, така што сега имаме недостиг од неколку стотици илјади евра за студентите повторно да имаат брз пристап до интернет – вели Борис Поповски, претседател на управниот одбор на македонската универзитетска мрежа МАРНет.
Тие неколкупати се обратиле до Владата за да им даде пари за интернетско поврзување на скопскиот универзитет. Поповски вели дека оттаму очекува позитивен одговор до крајот на месецов. 
        
        Студентите на некои факултети, пак, велат дека во последниве две недели воопшто не користат Интернет, бидејќи треба да чекаат по еден час за да се отвори некоја веб-страница. 

        – Дома немам компјутер и единствено место каде што можам да користам Интернет е на факултет. Сега не можам да го користам ни таму. Интернетот ми треба за семинарски работи, а од почетоков на годинава интернет-пристапот на факултетот е катастрофа! Исто како да го немаме, бидејќи нема конекција и мораш да чекаш по еден саат за да ти се отвори една страница – вели студентка од Правниот факултет. 

        Кога ЕУ минатата година го финансирала проектот, скопскиот универзитет имал најбрз интернетски линк во Македонија, со 30 мегабита во секунда. Откако секнала донацијата, интернет-брзината се намалила за неколку пати. Дознаваме дека процедурата за наоѓање пари за интернет-врската била заглавена во Министерството за образование и наука. Министерството одбивало да го плати останатиот дел од парите, со образложение дека годинава буџетот му е намален. Затоа надлежните од секторот за наука побарале пари директно од Владата. 

        Јани Макрадули, член на собраниската Kомисија за информатичка технологија, вели дека мора да се обезбедат пари за да се реши проблемот. 

        – Решение ќе се најде за брзо време. Универзитетот има Интернет, меѓутоа линкот е слаб и затоа на студентите им е тешко за да го користат. Дел од донацијата на ЕУ се скрати, така што останатиот дел ќе мора да го покрие Владата – вели Макрадули.