Владата на Андалузија, еден од автономните региони на Шпанија, се подготвува за користење на работна околина целосно базирана на софтвер со отворен код.

Анализата на условите за таков десктоп систем е речиси завршена, а следен чекор ќе бидат неколку мали тестови, според презентацијата на Жозе Феликс Онтанон, еден од софтверските програмери – учесници.

Онтанон говореше за плановите на Андалузиската влада на конференцијата во Гвадек којашто се одржа во Хаг, Холандија, минатиот месец.

За првиот тест, на неколку работни станици на администрацијата ќе бидат активирани повеќе апликации со отворен код, на неслободниот оперативен систем кој во моментов го користи администрацијата. Во втората фаза, ограничен број од овие десктоп компјутери ќе бидат префрлени на целосно прилагодена верзија на Linux дистрибуција.

Оваа дистрибуција е нареченa GUA (административна верзија на Guadalinux). Самиот Guadalinux е базиран на дистрибуцијата Ubuntu Linux.

Училишни десктоп компјутери

Guadalinux е застапен во многу училишта и општински центри во Андалузија, вели Онтанон. На пример, се користи на 300.000 училишни десктоп компјутери и на повеќе од 180.000 преносни компјутери за ученици и наставници во повеќе од две илјади училишта во регионот. На крајот од 2011 година, уште 100.000 компјутери кои користат Guadalinux ќе бидат испорачани до училиштата во Андалузија. Оперативниот систем базиран на слободен софтвер, како и апликациите, се користат во 764 Gaudalinfo општински центри, каде што секој месец ги користат најмалку 40.000 граѓани.

Политиката на Андалузија да користи слободен софтвер со отворен код датира од 2003 година, кога одлучи дека училиштата и јавнита интернет центри треба да го користат овој вид на софтвер. Употребата на слободен софтвер со отворен код има за цел да помогне во модернизацијата на регионот и да го премости дигиталниот јаз за граѓаните со хендикеп или социјално загрозените лица.

Андалузија во 2005 година донесе одлука според која сите апликации направени од страна на јавната администрација ќе бидат објавени како слободен софтвер.

Според Онтанон, програмер на Guadalinux кај давателот на IT услуги од областа на софтвер со отворен код Emergya, развојот на оваа дистрибуција покажува дека владините ИТ тимови за развој на апликации можат успешно да соработуваат на проекти за отворен код. „Администрациите треба да соработуваат со компании кои разбираат како се развива софтверот со отворен код, кои се поврзани со заедницата и се подготвени да придонесуваат за проекти од областа на слободен софтвер“.

Во Андалузија, вклучувањето на владата помогна да се создаде одржлива ИТ индустрија за слободен софтвер со отворен код. „На тој начин се придонесува општеството да ја отфрли навиката за користење заштитен, неслободен софтвер“.

Извор: OSOR.eu “ES: Andalusia government studying switch to open source desktop” 27 август, 2010.