Водичот чијашто цел е да им помогне на локалните владини организации да ги подобрат нивните ИТ набавки, беше објавен вчера во Мадрид. „Ова ќе им помогне од технички, законски и процедурален аспект на локалните власти да ги споделуваат нивните ИТ решенија, а со тоа да ја зголемат ефикасноста на нивните инвестиции“.
„За да се постигне тоа, мора да осигуриме дека овие ИТ решенија се интероперабилни и користат отворени стандарди и формати, базирани на слободен софтвер со отворен код“, се објаснува во соопштението на трите организации кои заеднички го претставија водичот, Red.es, организација за ИТ истражување и развој финансирана од шпанското Министерство за телекомуникации и информатичко општество, Asolif, асоцијација на шпански провајдери на ИТ услуги од областа на софтвер со отворен код, како и Cenatic, ресурсен центар на шпанската влада за софтвер со отворен код.
Водичот е прв од серијата производи и резултати од проектот Alial од Asolif, во кој се вклучени Cenatic и други организации.
„Јавните администрации мора да ги адаптираат нивните организации за да се исполнат условите од Законот за електронски пристап на граѓаните до јавните сервиси, и тука, софтверот со отворен код е алтернатива којашто ефикасно се справува со некои од нивните предизвици“ изјави Себастијан Мјуриел, генерален директор на Red.es во своето соопштение.
Мигел Жак, директорот на Cenatic, додаде: „Сега повеќе од кога било, слободниот софтвер е докажана алтернатива, којашто владите може да ја користат за подобрување на нивните ИТ инвестиции“.
Пабло Гомез, претседател на Asolif, изјави дека се надева дека водичот ќе ја зголеми довербата на локалните владини организации во набавката на ИТ решенија базирани на софтвер со отворен код. „Овој вид на софтвер овозможува повторна употреба од страна на другите јавни администрации, што придонесува за заштеда на трошоци и зголемување на квалитетот“.
Прирачникот е поделен на два дела. Во првиот дел се опишуваат правните аспекти, условите на функционирање, процедурите, како и организациските и економски критериуми. Во вториот дел се опишува основниот метод за објавување тендери за ИТ проекти за развој.
Извор: OSOR.eu “ES: Guidelines to help local administrations procure open source” 21 октомври, 2010.



