На 23 ноември 2009 година, на меѓународниот состанок на Шпанската регулаторна агенција за телекомуникации (CMT), Вивиен Рединг предупреди дека Европската комисија може да ја санкционира Шпанија ако Владата одлучи да го прекине интернет пристапот на лицата кои споделуваат датотеки.
„Проблемот со интернет пиратеријата сигурно нема да се реши само со репресија; тоа може на повеќе начини да биде во спротивност со правата и слободите, кои се дел од вредностите на Европа уште од Француската револуција“, рече комесарот, потсетувајќи ја Шпанија дека новиот телекомуникациски пакет за кој во ноември се согласија Европскиот парламент и Советот на министри вклучува одредба со која прекинувањето на интернет пристапот без официјална процедура се смета за незаконско. „Со новата одредба за слободата на интернет сега се предвидува дека со сите преземени мерки во однос на пристапот до и користењето на услуги и апликации секогаш мора да се почитуваат основните права и слободи на граѓаните“, и „Ефикасната и навремена судска ревизија е исто толку гарантирана како претходната, фер и непристрасна процедура, презумпцијата на невиност и правото на приватност“, изјави Рединг.
Како што изјави во неколку други наврати, Комесарот смета дека мора да се најдат нови бизнис модели и модерни, ефикасни начини за заштита на интелектуалната сопственост и уметничкото творештво.
Во оваа прилика, таа исто така го критикуваше францускиот закон Hadopi (три предупредувања пред исклучување од интернет), тврдејќи дека развојот на единствен европски пазар за онлајн содржини е подобар начин да се дејствува против интернет пиратеријата и изрази жалење за фрагментацијата на законите за авторски права низ ЕУ. „Отстранувањето на пречки за прекуграничната онлајн дистрибуција на креативни дела ќе ја подобри понудата на атрактивни и достапни услуги, кои се легални. Како резултат на тоа, ќе се намали искушението на корисниците за незаконско користење на авторски заштитени материјали.
Рејналдо Родригез, претседателот на CMT смета дека изјавите на Рединг се резултат на недоразбирање и е убеден дека нема да има конфликти помеѓу шпанското законодавство и законодавството на ЕУ. Шпанскиот министер за култура Анхелес Гонзалес-Синде во неколку наврати го изнесе својот став против францускиот модел, поддржувајќи го гонењето на веб-сајтовите за нелегално преземање на содржини, но не и гонењето на корисниците.
Шпанската асоцијација на оператори REDTEL исто така се спротивставува на исклучувањето на лицата што наводно нелегално преземаат содржини, сметајќи дека таквите мерки се осудени на неуспех и дека подигнувањето на свеста би било многу поефикасно решение. Операторите сметаат дека додека граѓаните сè повеќе и повеќе бараат културни содржини преку нови канали, културната индустрија се воздржува од насочувањето на својата понуда преку интернет, законски и со атрактивни зделки.
На 10 декември, 2009 година, ќе биде доставен предлог до Владата од страна на коалицијата на креатори на содржини. Предлогот ќе биде насочен кон блокирање на веб-сајтовите за споделување и преземање на содржини преку интернет, а не за прекинување на интернет пристапот на корисниците.
Reding warns Spain against internet cut-off (24.11.2009)
http://euobserver.com/19/29041
Commissioner warns Spain that cutting-off Internet enters into conflict with EU (only in Spanish, 23.11.2009)
http://www.hoytecnologia.com/noticias/Comisaria-advierte-Espana-cortar…
The European Commissioner warns Spain over regulating P2P (only in Spanish, 23.11.2009)
http://www.adslzone.net/article3469-la-comisaria-europea-advierte-a-es…
The Coallition will ask the Government for the blocking of P2P websites, but never for the disconnection (only in Spanish, 2.11.2009)
http://www.adslzone.net/article3403-la-coalicion-pedira-al-gobierno-el…
Spanish activists issue manifesto on the rights of Internet users (2.12.2009)
http://www.boingboing.net/2009/12/02/spanish-activists-is.html



