Според извештајот на Министерството за инфраструктура и транспорт на шпанската автономна област – Валенсија, надминувањето на стравот од промената што се врши во компјутерската околина на корисниците е најголемиот проблем со кој организациите треба да се справат кога мигрираат кон софтвер со отворен код.

Во изминатите четири години, Министерството премина на речиси целосен ИТ систем базиран на софтвер со отворен код. Тоа значи дека околу шестотини државни службеници и четиристотини инженери и архитекти морале да се запознаат со нови апликации и нова работна околина на компјутерите.

„Ако погледнеме ретроспективно, мора да признаеме дека главниот проблем низ годините беше стравот од промена“, пишува Мартин Гарсија Хернандез, шеф на ИТ одделот, во неговиот вовед од извештајот на Министерството околу миграцијата кон слободен софтвер – проектот gvPontis.

Англискиот превод на извештајот беше објавен на веб-сајтот на проектот gvPontis во текот на овој месец.

Корисниците кои се плашат од технолошката иновација „се покажаа како најголеми непријатели на овој проект“, пишува Гарсија Хернандез, додавајќи дека неговиот оддел се справил со овој предизвик „со добро подготвени планови, обука и алтернативен акциски план за секој случај“.

Во осумнаесет поглавја, извештајот детално го опишува преминувањето кон на пр. системи за управување со бази на податоци со отворен код, алатки за извештаи, системи за управување со бизнис процесот, десктоп компјутери со слободен софтвер, системи за географски информации и системи за дизајнирање со помош на компјутер.

На пример, Министерството ги замени комерцијалните системи за бази на податоци Microsoft Access и Oracle со слободните алтернативи PostgreSQL и MySQL. Исто така користи Jasper Roberts за составување на извештаи и има развиено сопствен систем за управување со документи, наречен gvAdoc. „Еден од проблемите со кои овде се соочивме, беше да се убеди компанијата што ја разви апликацијата да ги објави софтверските библиотеки користени при развојот“.
Миграцијата на компјутерите кон софтвер со отворен код се докажа како најчувствителен дел од целиот проект. Не само што зависеа од нивните десктоп апликации, туку корисниците беа запознаени само со комерцијалната Виндоуз околина.

ИТ одделот испроба неколку десктоп алтернативи базирани на софтвер со отворен код. На пример, во пилот проект од 2004 година десет корисници преминаа на KDE десктоп околина на Suse GNU/Linux. Сега сите компјутери во министерството работат на Линукс дистрибуцијата GNU/Lliurex, која е развиена од владата на самостојната област Валенсија и е базирана на дистрибуцијата Убунту GNU/Linux.

Трошоци за лиценци

Министерството одлучи да мигрира кон софтвер со отворен код во 2003 г. кога се соочи со „значително зголемување на трошоците за лиценците што не можеше да се покрие бидејќи поголемиот дел од буџетот веќе беше потрошен на купување на тие лиценци“.

Проектот gvPontis беше спроведен без да се доделат дополнителни ресурси на ИТ одделот. Втората цел беше да се задржат на минимум негативните ефекти врз секојдневната работа на персоналот. „Самата работа е поважна од средствата“, вели Гарсија Хернандез.

Извор: OSOR.eu “Fear of change biggest problem when moving to open source” 23 јуни, 2009.