Владата на Галиција, една од автономните области на Шпанија, сака да ја зголеми употребата на слободниот софтвер со отворен код од страна на јавната администрација и граѓаните.

Според соопштението објавено на 27 јануари, регионалното Министерство за модернизација и иновации има за цел да ги соедини сите свои претходни иницијативи за софтверот со отворен код.

Претходните иницијативи за слободен и софтвер со отворен код сè уште не резултирале со зголемена примена од страна на јавните администрации, компании или граѓани, се вели во соопштението на министерството. „Овие мерки беа изолирани и недостигаше координација, како и севкупна стратегија“.

Една од овие поранешни активности е формирањето на Центарот за информации и услуги за софтвер со отворен код, кој започна со работа во 2005 година со цел да обезбеди ресурси и услуги за регионалните иновативни ИТ компании.

Владата сака да го отстрани недостатокот на примената на софтверот со отворен код преку промотивна кампања, технички работилници и други иницијативи. Владата бара предлозите за таквата кампања да се доставуваат до Фондацијата за промоција на индустриски квалитет и технолошки развој (Fundación para o Fomento da Calidade Industrial e o Desenvolvemento Tecnolóxico de Galicia).

Фондацијата ќе одлучува за активностите заедно со другите групи, како на пример универзитетот, здружението на галициски компании за слободен софтвер и корисничките групи на слободен софтвер со отворен код.

„Министерството за модернизација и технолошки иновации цврсто реши да инвестира во мерките кои ќе помогнат за зголемување на употребата на слободен софтвер“, се вели во соопштението на министерството.  Овој вид на софтвер помага за надминување на дигиталниот јаз и овозможува поефикасно користење на јавните ресурси, велат од министерството.

Извор: OSOR.eu “ES: Galician government launches a promotion campaign on open source” 15 февруари, 2010.