Владините политики со кои се промовира и поттикнува користењето на софтвер со отворен код и користењето на овој вид софтвер од страна на јавната администрација се двата најважни фактори со кои се објаснуваат разликите во усвојувањето на софтверот со отворен код во регионот.
Според Мигел Жак Барберо, управен директор на Сенатик, Ресурсниот центар за софтвер со отворен код на шпанската влада, другите фактори со кои се објаснуваат различните нивоа на зрелост на земјите во однос на софтверот со отворен код се нивото на образование и пристапот што го имаат нивните граѓани до информатичкото општество.
Заедно со заклучоците, директорот на Сенатик го претстави и англискиот превод на извештајот „Меѓународниот статус на софтверот со отворен код во 2010 г.“, објавен во текот на неделава. Шпанската верзија беше објавена во септември.
Германија, Франција и Шпанија се трите европски земји во кои софтверот со отворен код се користи најмногу, благодарение на ИТ политиките со кои се промовира софтверот со отворен код, пишува Сенатик, „иако се користеа различни средства“.
Напредно информатичко општество
Во Германија, главниот притисок доаѓа од политиките со кои се промовира и поддржува слободниот софтвер. Во Франција, владата ја централизира имплементацијата на овој вид на софтвер во јавните администрации и јавните претпријатија. Во Шпанија, користењето на слободен софтвер со отворен код во голема мера е одговорност на автономните региони, според рамковната политика на Министерството за индустрија, туризам и трговија и Министерството на претседателството.
„Изненадувачки, сè повеќе земји со напредно информатичко општество како што се скандинавските земји, Обединетото Кралство и Холандија покажуваат помал степен на развој во областа на софтверот со отворен код. Клучната разлика се чини дека е недостигот на поддршка за софтверот со отворен код во раните фази од страна на нивните влади. Новото законодавство и политики за промоција на усвојувањето на отворените стандарди и софтверот со отворен код донесени од страна на овие земји во текот на последните неколку години несомнено ќе им овозможат да го премостат јазот меѓу нив и водечките земји“.
Според Сенатик, европските институции исто така играат важна улога. „Тие го промовираат секторот за информатички и комуникациски технологии и го поддржуваат софтверот со отворен код како една од клучните движечки сили на овој сектор“.
Извор: OSOR.eu “ES: “Government support and use are key to adoption of open source” 23 декември, 2010.



