Регионот Галисија ќе инвестира 915.000 евра со цел да го промовира користењето на слободниот софтвер пред претпријатијата, јавните администрации и организации, соопшти владата на регионот во средината на месец мај.
Автономниот регион ќе започне и студија за изводливост, во однос на употребата на канцелариски алатки базирани на слободен софтвер од страна на целиот свој персонал.
Галисија е член на Cenatic, шпанскиот ресурсен центар за слободен софтвер и отворени стандарди. Минатиот месец, центарот потпиша договор за соработка со Agasol, здружение на регионалните даватели на ИТ услуги од областа на слободен софтвер.
На конференцијата за печат, Мар Переира, директор на Amtega – Агенцијата за технолошка модернизација на Галисија, објасни дека регионалната влада во 2010 година била меѓу првите што подготвиле целокупна стратегија за слободен софтвер. Една година подоцна почна да нуди компјутерска обука која се фокусира на слободен софтвер и го лансираше Abalar, проект за слободен софтвер за училиштата. Abalar им помага да ги комбинираат Drupal, системот за управување со содржини, Moodle, систем за е-учење и Coppermine, за прикажување слики и видеозаписи.
Со користењето слободен софтвер за овие иницијативи, регионалната влада заштеди 2,5 милиони евра во 2010 и 2011 година. Според Переира, употребата на слободен софтвер од страна на јавните администрации во регионот се зголемила од 46 отсто во 2009 година до 94 отсто во моментов.
Бесплатни алатки
Переира најави студија за изводливост, за мигрирање на сите вработени во Галисија кон слободен софтвер. „Оваа студија е задолжителен чекор при развивањето на планот за миграција. Таа е, исто така, во согласност со плановите кои Галисија ги најави на почетокот на оваа година за инсталирање бесплатни канцелариски алатки на сите нови компјутери“.
Минатата година, владата на Галисија стана еден од членовите на одборот на Cenatic. Целта е да се олесни повторната употреба на стратегиите и нивното споделување со други регионални администрации. Переира изјави дека членството треба да помогне да се споделуваат и повторно да се употребуваат софтверските апликации направени специјално за државните власти. Регионот оваа година ќе започне со политика со која ќе бара од јавните администрации прво да ја разгледаат употребата на ваквите алатки пред да набавуваат комерцијални алтернативи.
Овој месец и шпанскиот регион Арагон соопшти дека планира зголемување на растот на ИТ-компании со слободен софтвер.
Извор: Joinup.eu „Spain’s Galicia region to promote open source use“ 25 мај, 2012.



