6 јануари 2013 година ќе биде запомнет во историјата на кинеското новинарство како денот кога угледниот весник „Јужен Викенд“, кој на времето го водел бранот на медиумски реформи во кина, паднал во немилост.

Околу 21:30 официјалниот микроблог на весникот на социјалната мрежа „Сина веибо“ (на кинески) објави изјава насловена „До читателите“ во која демантираше дека одделот за пропаганда надлежен за таа провинција имал улога во неодамнешното цензурирање и ревидирање на новогодишното обраќање од уредникот (на англиски).

Еден час подоцна, голем дел од редакцијата прогласи штрајк и се дистанцираше од изјавата „До читателите“, преку  заедничка изјава (на кинески) преку профилот на 163.com microblog, објавувајќи дека официјалниот микроблог бил преземен на сила.

Многу влијателни јавни интелектуалци и новинари ги сменија сликите на своите профили на „Сина веибо“ во црно-бела верзија на логото на „Јужен викенд“.

Група кинески студенти по новинарство изразуваат поддршка за „Јужниот викенд“. Сликата е од inmediahk.net, за некомерцијална употреба.

Одвнатре во инцидентот

Наредниот ден, редакцијата на „Јужен викенд“ (анг. Southern Weekend) објави долг микроблог пост на 163.com, објаснувајќи како настанала изјавата „До читателите“. На почетокот, раководството на „Јужен викенд“ и персоналот биле со ист став и се договориле темелно да го истражат инцидентот со ревидирањето. Арно ама, под притисок на министерството за пропаганда на Провинцијата Гуангдонг, Ванг Генгхуи, заменикот уредник на Нанфанг Медиа (чија сопственост е „Јужен викенд“ и Хуанг Цан, член на уредувачкиот одбор на групата и в.д. главен уредник на „Јужен викенд“ побарале од редакцијата да објават изјава „До читателите“ која ги искривувала фактите. Ву Веи (@风端), лицето одговорно за официјалниот блог на „Јужен викенд“, одбил да го стори тоа, но под притисок го предал профилот и лозинката и објавил на неговиот личен микроблог дека од тој момент не презема одговорност за содржините објавени на официјалниот (оваа објава подоцна била избришана).

Редок случај на пркос

Кина е озлогласена по цензура на новинарството. Повеќето новинари во Кина немаат друг избор освен со насмевка да ја поднесуваат цензурата во текот на нивната кариера. Овој инцидент, од друга страна, доведе до редок случај на отворено пркосење според цензурата од горе и до повици за колективна поддршка од јавните интелектуалци. Тоа не само што покажува колкав кредибилитет и видливост имал „Јужен викенд“ во јавноста, туку и ги истакнува новите односи на моќ меѓу властите и јавноста под влијание на новите медиуми.

влијателен корисник на микроблогот Сина, напиша:

Очигледно овој инцидент ја разбесни јавноста и неговото влијаие ќе се интензивира. Ако владата не може да го реши проблемот, на крај ќе се самозапали. Владата, наместо да го блокира јавниот глас, треба да дозволи тој да се шири. Ако се случува цензура, тоа значи дека владата прави лоши работи и потоа ќе бидат соочени со прашања за проблемите со нивното владеење.

Всушност, писателите, драматурзите и режисерите се во улога на заложници во однос на цензурата во Кина. Познатиот блогер и писател, Ханхан, опишува секојдневно сценарио со кое се соочуваат уметниците во Кина на неговиот блог (на кинески) (пост напишан по бришењето на два негови профили на платформи за микроблогирање):

„Додека вие уживате во таканаречената слобода, тие уживаат слобода да ве казнат. Не е важно дали работите на книжевност, новинарство, филм или телевизија – во сите случаи мора да вложите огромни напори за да добиете дозвола од нив. Нема однапред поставени правила што треба да се следат, па во секој случај испаѓа дека ќе прекршите некое од правилата [што се поставуваат арбитрарно]. Во суштина, мора да станете еден од нив и да ги следите тие променливи правила. Затоа, самите си ја цензурираме нашата работа и работата на нашите колеги, додека се трудиме да сфатиме кои се важечките правила, ние сме внимателни и преплашени.“

За разлика од редакцијата на „Јужен викенд“, многу други одбиваат компромис на оваа тема и се придружија на пркосењето. Заменикот главен уредник на магазинот „Народ“ (анг. People) го напиша следното на неговиот микроблог:

Низ сите овие години, се навикнавме на фактот дека нашите нацрт-тектови ќе бидат убиени и дека нашите гласови ќе бидат цензурирани. Почнавме да правиме компромиси и да се лажеме самите себеси. Ги запознавме тие двосмислени ограничувања и почнавме со автоцензура. Веќе не чувствуваме ентузијазам за нашата професија. Премногу сме забегани за да се сетиме зошто воопшто одбравме ваква кариера. Зошто треба да дадеме поддршка за редакцијата на „Јужен викенд“? Само една реченица: животот е краток, како може да ја заборавиме нашата иницијална посветеност да ја одбереме кариерата на новинар?

Извор: Global Voices „Штрајк на новинари во Кина – редок случај на спротивставување на цензура“ 11 јануари, 2013.