Шведските државни институции имаат недостаток од политики за чување на електронски документи, и не успеваат да ја разберат важноста на отворените стандарди, велат истражувачите од Универзитетот во Skövde во научниот труд објавен овој месец. „Ова е контрадикторно со политиката за која се залага централната власт“.
Во изминатите две години, двајцата истражувачи Бјорн Лундел и Брајан Лингс истражуваа како шведската јавна администрација го користи софтверот со отворен код и отворените стандарди. Двајцата ги претставија своите најнови резултати на Шестата Меѓународна конференција за системи со отворен код, (OSS 2010) што се одржа во Саут Бенд, САД од 30 мај до 2 јуни.
Во текот на годинава тие испитуваа како сите 290 општини во Шведска управуваат со нивните електронски документи. Тие побара копии од записникот од првиот состанок на општинскиот совет во 1999 година, од последниот состанок на општинскиот совет во 2008 година и копија од најстариот записник достапен во електронска форма.
Четириесет отсто од советите не беа во можност да ги обезбедат записниците од 1999г. Во еден случај, една општина одговорила дека не врши електронско складирање на документите. Други признале дека ги избришале сите документи од 1999 година, известиле дека не можат да ги пронајдат записниците или одговориле дека биле спречени да ги достават документите поради технички проблеми: „Во тоа време се користеше друг систем, до којшто денес немаме пристап.”
„По само десет години има проблеми со пристапот до или читањето на датотеките за кои се знае дека постојат“, заклучија двајцата истражувачи. Во голем број случаи, тоа е затоа што датотеката е снимена во неслободен формат, и до неа може да се пристапи само со соодветни алатки. „Најстариот записник не е на располагање, а записникот од 1999 е достапен, но алатката повеќе не се користи во организацијата. Вашето барање го поттикна нашиот ИТ оддел да го „воскресне“ овој софтвер“, беше одговорот на една од општините.
Истражувачите исто така откриле дека некои од посовремените документи повеќе не можат да се отвораат правилно во најновата верзија на заштитениот неслободен софтвер за обработка на текст во кој биле создадени. „Интересно е што истите овие датотеки може да се отворат правилно во алатка базирана на софтвер со отворен код, OpenOffice“.
Истражувањето спроведено од Лундел и Лингс е составен дел на активностите произлезени од конференцијата Слободен софтвер 2010.
Државните власти во Шведска сè повеќе мигрираат кон софтвер со отворен код, според една скорешна студија на Kammarkollegiet, Шведската агенција за правни, финансиски и административни услуги.
Според агенцијата, Linux е замена за комерцијалниот Unix, а заштитените канцелариски програми се заменуваат со OpenOffice. Јавната администрација исто така преминува на користење на системите за управување со содржини базирани на софтвер со отворен код – Drupal и Joomla и се замена за неслободните системи за бази на податоци како што се MySQL и PostgreSQL.
Извор: OSOR.eu “SE: Public administrations lack awareness on electronic documents”