Во неодамнешниот извештај, Националниот полициски одбор на Шведска предлага мерки за зголемување на својата ефикасност во борбата против прекршувањата на авторските права, како резултат на средбите со сопствениците на права, односно компаниите од забавната индустрија.
Во предложените промени спаѓа создавањето на тим фокусиран на прекршоци поврзани со интелектуална сопственост и дополнителни подостапни истражни ресурси за поуспешно гонење на прекршителите на авторски права.
Сопствениците на правата и пренесоа на полицијата дека би можеле да пријават „многу повеќе прекршоци“ (секако мислејќи на наводните прекршувања на авторските права преку интернет) доколку полицијата е подобро опремена и исто така се пожалија дека времето за реакција на полицијата било премногу долго. Се пожалија и дека полициските инспектори немале техничка компетентност што резултирало со понизок квалитет на истрагите. Структурата и организацијата на полициските системи и персонал исто така беа оспорени, а според сопствениците на правата, има потреба од повеќе инспектори, полицајци, судски истражен персонал и цивили.
Како резултат на тоа, шведската полиција предлага создавање на една централна група фокусирана на заштитата на интелектуална сопственост. Имајќи предвид дека истрагите за интелектуална сопственост често се „скапи и комплицирани“, во извештајот се вели дека таквата колективна група „ќе го олесни одредувањето на приоритетноста на случаите и ќе го олесни контактот со обвинителите и надворешните страни, како што се тужителите, меѓународните власти и агенции. Групата ќе се состои од „раководител, истражители, административна помош и ИТ форензички персонал поврзан со групата. Со тековната појдовна точка разумно е групата да се состои од околу 20 луѓе“.
Извор: ЕДРИ-грам „Swedish police to increase its fight against file-sharing“ бр. 11.7, 10 април, 2013.



