При креирањето политики во Европа долго време се игнорираше дигиталната околина, како и потенцијалот на интернетот и позитивното влијание на слободниот проток на информации во општеството.

Во изминатите 10 години, со сè поголемиот број мерки за надзор се ограничија граѓанските слободи и се промовираше стравот наместо слободата. Голем број мерки беа воведени или се воведуваат и резултираат со ограничување на основните права на сите граѓани во ЕУ: Директивата за задржување податоци, спогодбите за SWIFT и PNR (записи со имиња на патници), трговската спогодба против фалсификување, размената на податоци со САД без соодветни закони за заштита на податоци или сеопштото собирање на нашите биометриски податоци.

По неколку обиди да се реализираат серија настани за европските дигитални граѓански права, неопходните предуслови за тоа да се оствари сега се подобри од кога било. Владите сè повеќе се свесни за различните прашања кои произлегуваат со интернетот и се вклучуваат во нивно решавање. Сепак, бидејќи тие во изминатата деценија можеа да понудат само страв, една од главните цели на движењето е да се обезбеди позитивен дискурс. Меѓународната недела „Слобода наместо страв“ постави уште една добра основа за противтежа на добро организираното и влијателно индустриско лоби. Неделата започна на 10 септември 2011 г. во Берлин, Дрезден, Виена, Брисел, Луксембург и Варшава, а заврши со викендот во Брисел од 17 до 19 септември, 2011 година.

На иницијатива на unwatched.org беа организирани работилници во Виена за дискусија околу граѓанските права и современите закони за заштита на податоците. Седниците беа посветени на теми како што се правото на информации, отворени податоци, PNR, веб-блокирање и моменталната состојба со задржување податоци во Австрија.

Tридневниот настан во Брисел го организираше германската работа група за задржување податоци (AK Vorrat) и белгиското здружение за заштита на правата на корисниците на интернет. Настанот го поддржаа голем број европски организации, вклучувајќи ги членовите на ЕДРИ Bits of Freedom, FoeBuD, Liga voor Mensenrechten, Digitale Gesellschaft.

На 17 септември, протестантите се собраа во Брисел за да се соочат со европските политики и да ги повикаат европските институции да ја сочуваат нивната слобода и граѓански права. Протестантите сакаат нивните фундаментални права да се почитуваат во „вмрежениот“ свет. Голем број од учесниците во протестот стравуваа дека информациите чувани од страна на владите не се сигурни и се предмет на хакирање, разоткривање, злоупотреба или погрешно толкување. Во говорот пред Европската комисија, Патрик Брејер (AK Vorrat) ја нагласи важноста на овој викенд за придонесот кон слободното и отворено општество во кое сакаме да растат нашите деца.

Дел од тридневниот настан во Брисел беше и меѓународната конференција во неделата, на која имаше серија работни групи за задржување податоци, надзор со CCTV, неутралност на интернетот и PNR. Во понеделникот, учесниците ја споделија својата загриженост во разговорите со претставници од Европската комисија и членови на Европскиот парламент во врска со измените на Директивата за задржување податоци и тековните преговори околу спогодбите за записи со имиња на патници. Активистите од цела Европа ја искористија можноста да се поврзат и да иницираат меѓународна платформа за сите идни кампањи под слоганот „Слобода наместо страв“.

Извор: ЕДРИ-грам „Freedom not Fear: High time for European (digital) civil rights“ бр. 9.18, 21 септември, 2011.