Според Планот за имплементација на слободниот софтвер во јавниот сектор во Малезија отсега сите владини набавки од областа на технологијата ќе преферираат слободен софтвер…
Според Планот за имплементација на слободниот софтвер во јавниот сектор во Малезија (Malaysian Public Sector Open Source Software Masterplan) отсега сите владини набавки од областа на технологијата ќе преферираат слободен софтвер. Краткорочните цели на Планот кои веднаш би можеле да имаат влијание на снабдувачите на јавниот сектор, предвидуваат дека слободниот софтвер треба да биде застапен на 60% од новите сервери , 30% од електронската пошта, ДНС (Domain Name System) и прокси серверите, и 20% од компјутерските лаборатории во училиштата.
Планот го изработи Владината комисија за информатичка технологија и интернет (Government IT and Internet Committee). Беше изгласан во февруари и сега е во фаза на спроведување. Целосната имплементација треба да заврши до почетокот на наредната година.
Изгледа дека малезиската влада не ги сфати многу сериозно предупредувањата на Бил Гејтс, претседателот на Мајкрософт. Тој ги предупреди владите и компаниите дека слободниот софтвер не е вистинскиот избор кога станува збор за отворање на нови работни места и создавање на интелектуална сопственост.
– Ова е еден од двата предизвици со кои денес се соочува Мајкрософт. Вториот предизвик претставува софтверската пиратеријата која го намалува даночниот прилив- изјави Гејтс за време на тркалезната маса за источноазискиот печат одржана на 29 јуни во Путраџаја, Малезија. Гејтс, кој истовремено е и главен архитект за развој на софтвер, нагласи дека слободниот софтвер може да биде многу штетен.
– Ако не сакате да отворате работни места или да создавате интелектуална сопственост, тогаш можете да се насочите кон развивање на слободен софтвер. Тоа не е нешто што би можеле да го работите за пари преку ден. Ако сакате да го подарите, тогаш треба да работите навечер- додаде Гејтс.