Јавната администрација во Словенија ќе ја зголеми употребата на слободен софтвер со отворен код на своите компјутери.
Според планот што го објави Министерството за јавна администрација во месец јануари, околу 80 отсто од владините канцеларии би требало да го користат овој вид на софтвер на десктоп системите до 2015г.
Во софтверот со отворен код што ќе се воведе спаѓаат канцелариските софтверски пакети базирани на отворен код, како и интернет прелистувачите и оперативните системи со отворен код. Министерството формира работна група за проектот за миграција кон софтвер со отворен код, во која се вклучени претставници од Министерството за високо образование, наука и технологија.
Миграцијата ќе започне оваа година и ќе се забрза во 2011 година, пишува министерството во својата „Студија за воведувањето на софтверот со отворен код на компјутерите во словенечката јавна администрација“.
Според ИТ политиката за софтвер со отворен код, веќе има многу примери на употреба на овој софтвер од страна на јавната администрација. „Сепак, и покрај обидите, софтверот со отворен код сè уште не најде свое место на десктоп компјутерите во јавната администрација на Словенија. Исклучок е судскиот систем, бидејќи на повеќето десктоп компјутери во судовите се користат ОпенОфис, Фајрфокс и Тандербрд уште од 2006 и 2007 година“. Други примери се организациите за јавно здравство и јавен превоз на Љубљана.
Коментирајќи во врска со соопштението, Центарот за софтвер со отворен код на Словенија (COKS) кој помогна во подготвувањето на плановите вели дека тоа е првиот посериозен пристап кон постепена миграција на јавната администрација кон софтвер со отворен код.
Политиката привлекува големо внимание кај словенечките ИТ професионалци. Два написи во врска со оваа политика на веб-сајтот за ИТ новости Slo Tech добиваат стотици коментари.
Извор: OSOR.eu “SI: Slovenian public administrations moving to open source desktops” 28 февруари, 2011.



