Родителите кои инсталираат водечки бренд на софтвер за да ги надгледуваат активностите на интернет на своите деца може несвесно да му овозможат на производителот на софтверот да собира маркетинг податоци за децата, од кои некои имаат само седум години – и да ги продава тие информации.
Софтверот што се продава под брендовите Sentry и FamilySafe може да следи приватни разговори водени преку Yahoo, MSN, AOL и други сервиси, а потоа да ги испраќа тие податоци до компанијата. Информациите потоа им се нудат на фирми кои бараат начини да ги прилагодат своите маркетинг пораки кон децата.
„Ова е пострашно од сè што имам видено кога станува збор за користење на технологијата за надзор,“ изјави Пери Афлаб, застапник за безбедност на децата. „Не смее да се загрозуваат личните информации на децата“.
Софтверот не снима имиња на децата, адреси или други информации кои може да ги идентификуваат, но знае колку се стари затоа што родителите ги приспособуваат програмите да бидат помалку или повеќе рестриктивни, во зависност од возраста.
Пет други производители на софтвер за родителска контрола со кои контактиравме, меѓу кои и McAfee Inc. и Symantec Corp., изјавија дека не продаваат податоци од онлајн чет-разговори на маркетинг агенции. Една од конкурентските компании – CyberPatrol, соопшти дека никогаш не би земала предвид таква постапка. „Тоа се навистина доверливи информации“, вели Барбара Роуз, потпретседателот за маркетинг на компанијата. „Мене, како родител, би ми пречело ако ги таргетираат младите“.
Спомнатите софтверски брендови ги развива EchoMetrix, компанија со седиште во Сајосет, Њујорк. Џеф Грин, извршниот директор на EchoMetrix изјави дека родителите кои не сакаат компанијата да ги споделува информациите на нивното дете со компаниите, може да изберат опција да не бидат вклучени во тој процес. Но таа опција може да се најде само со посетување на веб-сајтот на компанијата. Тоа не беше наведено во договорот за користење вклучен во самата програма преземена од интернет.
Според договорот за користење, софтверот пренесува податоци на „партнери од доверба“. Со спогодбите за доверливост им се забранува на тие клиенти да ги споделуваат информациите со други страни. Со оглед на сојузните закони за приватност со кои се ограничува собирањето на податоци за деца под 13 години, во спогодбата е наведено дека компанијата има „дозвола од родителите да ги споделува информациите доколку корисникот е дете под 13 години“.
Веб-сајтот за технологија – CNet го рангира софтверот на EchoMetrix како еден од трите најдобри софтвери за родителска контрола. Не се достапни информации за остварената продажба.
Во брендовите Sentry и FamilySafe спаѓаат софтвери за родителска контрола како што се Sentry Total Family Protection, Sentry Basic, Sentry Lite и FamilySafe (SentryPC е произведен од друга компанија и нема поврзаност со EchoMetrix).
Верзијата Lite е бесплатна. Другите се движат од 20 долари за преземање и 10 долари годишно за надзор, или 48 долари годишно, поделено на месечни рати.
Истата компанија исто така нуди софтвер под брендовите на партнерските компании, како што е AmberWatch Lookout. AmberWatch Foundation, која го лиценцира својот бренд под EchoMetrix, одби да коментира.
Извор: nzherald.co.nz “Web-safety software gathers data on disk”