Земјите од Западен Балкан би можеле да бидат меѓу првите земји во светот, во кои граѓаните ќе можат да користат мобилни уреди за да пристапуваат до владините е-услуги, извести Кордис, информативната служба на Европската унија за наука, истражување и развој.

Оваа недела, Кордис објави напис за SWEB, проектот за истражување и развој на конзорциумот од европски истражувачки институти, универзитети и други институции. Групата го разви софтверот со отворен код овозможувајќи безбеден, мобилен, прекуграничен пренос на документи на јавната администрација.

Предвидено е Јава апликациите да функционираат безбедно во нискобуџетните ИТ инфраструктури. „Го развивме софтверот потребен за безбедна размена на документи на јавната администрација меѓу различни земји со користење на мобилни уреди“, изјави за Кордис проектниот координатор на SWEB – Петра Хепнер, од Германскиот Fraunhofer Fokus институт во Берлин.

На пример проектот SWEB подготви Услуга за потврда на живеалиште, овозможувајќи им на општините да разменуваат документи со нивните граѓани. Исто така презентираше апликација за мобилно фактурирање која може да работи со исплати на ДДВ во сите земји-членки на ЕУ.

Во Западен Балкан, нудењето на овие и други мобилни сервиси ќе им овозможи на владите да „ја заобиколат е-власта и директно да преминат на обезбедување на мобилни владини услуги“, вели Хепнер. Бројот на луѓе со пристап до фиксна телефонска линија е помалку од половина од бројот на лицата што користат мобилен телефон.

Освен што ја олеснува размената на административни документи, мобилниот пристап исто така ќе придонесе за зајакнување на владините институции, вели конзорциумот.

Проектот за истражување и развој се спроведуваше две години, до месец март годинава.

Софтверот е објавен под GPL лиценцата за софтвер со отворен код.

Повеќе информации:

Веб-сајт на проектот SWEB

Извор: OSOR.eu “Open source applications provide government services using mobiles” 22 октомври, 2009.