Во Македонија приоритетно прашање е да се обезбедат неопходните комуникациски патишта за Интернетот да дојде до сите домови и институции. Националната стратегија за развој на информатичкото општество што е во собраниска процедура ќе биде основа за имплементација на овој голем проект, но сето тоа мора да биде следено и со создавање соодветни услови, предупредија вчера експертите во Охрид на отворањето на Осмата конференција на ХП-Интерекс.

 

Основен проблем за развој на информатичкото општество се цените на интернет-услугите. Треба да се обезбедат услови да се имплементира новиот закон за комуникации.
– Обврска на Министерството за транспорт и врски е да ја покрие стратегијата за широкопојасен интернет што треба да ја следи Националната стратегија за развој на информатичкото општество- велат дел од експертите. Според нив, Македонија ја следи најновата европска стратегија што во 2010 ќе ги поврзува информатичките комуникациските системи со дигиталната технологија.

На тридневната конференција околу 200 учесници, како што вели Васко Павловски од "Еурокомпјутер системс", ќе имаат можност од научни работници и топ-менаџери од домашни и од странски компании да се уверат во ефикасноста на примената на новите информатички технологии, потврдени како актуелна сила за економски развој.

Утрински весник