Проектот има за цел да ја зајакне соработката и координацијата меѓу сите носители на одлуки, владини претставници, како и претставници на деловниот, академскиот и невладиниот сектор за да се подобри квалитетот и да се подигне нивото на употребливост и пристапност на услугите што се нудат од јавната администрација по електронски пат.

„Иако инклузијата е движење својствено на земјите кои имаат понапреден степен на развој на информатичко општество, тоа не значи дека во Македонија ние не треба да разговараме и работиме на таа тема бидејќи нашата цел е да станеме дел од европското општество“, рече Горан Манчев, советник во Кабинетот на министерот без ресор задолжен за развој на информатичкото општество Иво Ивановски.

На полето на инклузијата, посочи Манчев, Владата ги спроведува проектите компјутер за секое дете, ваучери за студентите, интервалите на бесплатен интернет итн, кои, според него, се вовед во намалувањето на дигиталниот јаз во општеството.
Извршниот директор на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ), Владимир Милчин, истакна дека луѓето кои се во централната и локалната администрација треба да ги зголемат своите знаења за да им овозможат на корисниците, преку информатичко-комуникациските технологии, да го зголемат своето влијание во општеството и во обликувањето на јавните политики.

„Тоа значи да дојдеме до моментот кога ќе имаме отворена власт и граѓани кои имаат пристап, односно да дојдеме до еден степен на инклузија, без кој не може да се замисли ниту демократско, ниту отворено општеството“, рече Милчин во обраќањето пред учесниците на конференцијата.
Марјан Гушев, член на Управниот одбор на Фондацијата Метаморфозис посочи дека треба да бидеме свесни оти во блиска иднина ќе имаме инклузија не само на луѓе, туку и на машини кои ќе бидат делови на општеството.

„Предуслов за да се оди во информатичкото општество, за инклузивна е-власт е знаењето и вештината. Дигиталниот јаз се зголемува. Разликата меѓу тие кои не ја користат ICT технологијата и тие кои ја користат, расте. Затоа потребно е да изградиме мостови кои ќе ги приближат и ќе овозможиме инклузија. Свесни сме дека Македонија доколку не фати добар правец ќе заостанува се повеќе зад земјите од Европа“, истакна Гушев.
Според него, „е“ во поимот „е-Влада“, повеќе значи ефикасна Влада отколку електронска Влада, што бара реорганизација на сите активности на Владата за да се добие резултат, да се добијат подобри сервиси кон граѓаните и кон бизнисите.

Според најголем дел од учесниците на конференцијата, во регионот има многубројни придобивки од преносот на знаења и искуства за успешните практики на е-власт од ЕУ, особено од Австрија, Словенија и Естонија, три од петте земји од ЕУ најдобро рангирани во оваа област според методологијата на Кепџемини.

Од друга страна, извештаите од земјите од Западен Балкан не само што прикажаа ниско ниво на софистицираност на е-власт (околу 2 од 4), туку беше евидентен и недостигот на интерес во поглед на инклузијата, особено недостиг на посветеност при примената на стандардите за пристапност и употребливост кај постоечките е-услуги.
Бардил Јашари од фондацијата Метаморфозис ја нагласи важноста на соработката помеѓу различните општествени сектори:
владиниот, бизнис, образовниот и граѓанскиот сектор за надминувањето на овие пречки. Тој исто така истакна дека во случајот на Македонија, околу 70 проценти од населението воопшто не користи интернет, и за да се има навистина инклузивно општество, сите сектори мора да изнајдат механизми за вклучување на овој дел од населението во процесите на развој.

На конференцијата „е-Општество.Мк 2007“ која се одржа на 29-ти и 30-ти ноември, 2007г., учествуваа 244 претставници од владиниот, невладиниот, образовниот и бизнис секторот од 13 земји.

Сподели: