На 30 и 31 март во Софија, Бугарија се одржа работилница на проектот FLOSSWorld во организација на Интернет општество – Бугарија. На работилницата учествуваше и тимот на Фондацијата Метаморфозис, презентирајќи ги состојбите во врска со применетите политики и слободниот софтвер во Македонија во периодот март 2006-март 2007 година.

Флос ворлд (FLOSSWorld) е дел од Шестата рамковна програма финансиран од ЕУ преку кој се прибираат и анализираат на емпириски податоци во врска со слободниот софтвер, со цел да се зајакне европското водство на полето на слободен софтвер и отворени стандарди, како и да се искористат комплементарните елементи на научно-истражувачката дејност и креирањето применети политики за да се подобри меѓународната соработка на овие полиња.

Семинарот беше поделен на два дела. Првиот ден беа претставени досегашните резултати од проектот, кои м-р Рудигер Глот од Универзитетот на Обединетите нации од Мастрихт ги поврза и спореди со резултатите на претходниот проект со слична намена, Флос полс (FLOSSPols). Потоа беа пренесени искуствата и сознанијата за политиките поврзани со слободниот софтвер во Хрватска (Марсел Марс од Мултимедијалниот институт и Ивана Фастиќ-Пајк од Хрватската академска и истражувачка мрежа), Македонија (Филип Стојановски и Јорданка Петрушевска од Фондацијата Метаморфозис) и  Бугарија (Тодор Јалмов, Центар за следење на демократијата).

Во рамките на презентацијата за Македонија беа пренесени резултатите од истражувањето Предизвици и пречки: Користење на слободен софтвер во локалните самоуправи во Македонија , активностите за јавна дистрибуција на слободен софтвер, искуствата и првичните резултати од обуката за Опен офис за општински службеници, активностите на УНДП, како и oтвореноста за соработка на централната власт на полето на развој на информатичкото општество преку примерот на допрецизирање на условите на тендерот за проектот „Македонија – земја на информатичари“ според принципите на независност од софтверска платформа и добавувач, со што го поддржа правото на избор на граѓаните.

Во текот на вториот ден на семинарот се одржаа дискусии за меѓународна соработка и проекти кои се поврзани со примена на слободниот софтвер во образованието и деловниот сектор. Проф. Иван Евгениев од Техничкиот универзитет во Софија го претстави проектот од FP6 Open Trusted Computing, проф. Венцислав Трифонов од истата институција го претстави нивниот систем за е-учење, Мирчо Мирев се осврна на работата на бугарската заедница за слободен софтвер низ призмата на порталот Линукс за Бугари кој опслужува по 5000 посети дневно. Исто така беше претставен и проектот заснован на Едубунту, спроведен од група тинејџери.

Сподели: