На 8 април 2005 година официјално беше отворен и дигитален клуб во село Дебреше, Гостиварско. На отворањето присуствуваа голем број жители на Дебреше од различни генерации, ученици од локалното училиште и претставници на локални медиуми.

        Клубот свечено го отвори г. Газменд Абдија, претседател на НВО Футуре, организацијата која беше локален иницијатор за отворање на овој клуб, а на свеченоста говореа и г. Седали Салиу, поранешен конзул во Италија и жител на Дебреше како и секретарот на ОУ „Фаик Коница“, г. Шуип Сулејмани. Во таа пригода тие рекоа дека дигиталниот клуб е придобивка на сите жители на селото и дека тој ќе придонесе за развој на информатичката технологија и комуникациите во овие краишта.

        – Посебно на младите од оваа средина клубот им овозможува да бидат дел од дигитална ера и современото општество –  изјави г. Сулејмани.

        Вечерта на отворањето на клубот, жителите на селото Дебреше имале можност бесплатно да го користат интернетот во новоотворениот клуб.

        Дигиталниот клуб Дебреше е отворен во рамките на проектот Дигитални клубови спроведен и поддржан од Фондацијата Метаморфозис и Фондацијата Институт отворено општество Македонија.

Сподели: