На 28 јуни, 2021 година како дел од конференцијата „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност“ беше промовирана онлајн публикација со наслов „Анализа на дезинформации поврзани со Ковид – 19 во Северна Македонија“.
Публикацијата беше промовирана на втората сесија со наслов„ Критичко мислење наспроти медиумски манипулации и теории на заговор за ковид-19“ на која учествуваа:

• г. Ивајло Цонев, проектен координатор за Северна Македонија и Бугарија, Фондација за слободата „Фридрих Науман“
• г. Александар Стојановски, административен директор, „Евротинк“
• г-а Катарина Синадиновска, претседател на УО, Совет за етика во медиумите – СЕММ
• г. Филип Стојановски, Фондација „Метаморфозис“

Студијата „Анализа на дезинформациите поврзани со ковид-19 во Северна Македонија“ прави пресек на дезинформациските трендови што ги попречуваа напорите да се запре ширењето на пандемијата во текот на 2020 година и ги утврдува факторите што придонесуваат за подложност на граѓаните на разновидни медиумски и политички манипулации, како и теории на заговор и комерцијална злоупотреба на стравот преку надрилекарство. Како кандидатка за членство во Европската Унија, РСМ споделува карактеристики со други транзициски средини, како огромната потреба за реформи и модернизација на образовниот систем, како и обнова на здравствениот систем како основа за враќање на довербата во државните институции. Согледувањата и препораките добиени со оваа студија имаат пошироко значење, бидејќи се применливи на сите средини каде што владеат слични услови, но и на развиените демократии кои се во опасност од уназадување доколку се дозволии преземање на власта од недемократски, илиберални и ектремистички движења, кои го користат стравот како политичко оружје.

Оваа анализа, развиена и спроведена во тесна соработка меѓу фондациите „Фридрих Науман“ и „Метаморфозис“ се заснова на директните искуства од проектите „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, сервисот за проверка на факти „Вистиномер“, новинската агенција „Мета.мк“ и порталот за вести на албански јазик „Порталб.мк“, како и на информациите за активностите на сите споменати чинители кои во изминатиот период на различни начини се спротивставуваа на инфодемијата.

Конференцијата и промоцијата може да ја проследите на следниов линк

Сподели: