МЕТОДОЛОШКИ ИЗВЕШТАЈ

Помеѓу 8 и 15 март 2004 година, агенцијата БРИМА – македонскиот член на „Галуп интернешнл“ спроведе истражување на тема „Користењето на информатичките и комуникациските технологии во граѓанскиот сектор во РМ“ со коешто беше опфатена опремата која организациите ја користат и нивните погледи на развојот и употребата на ИКТ во земјата. Беше опфатена 161 граѓанска организација (НВО) во 7 градови низ Македонија.

Според профилот на НВО беа определени десет вида на специфично-ориентирани групи:

• Образование
• Здруженија на жени
• Човекови права
• Економија
• Екологија
• Хуманитарни организации
• Култура
• Земјоделство
• Корупција
• Младина, деца

Застапеност на НВО по градови:

• Велес – 23 НВО
• Кичево – 22 НВО
• Куманово – 17 НВО
• Прилеп – 24 НВО
• Скопје – 32 НВО
• Тетово – 19 НВО
• Штип – 24 НВО

За потребите на истражувањето беа интервјуирани претседателите и потпретседателите (или членовите) на НВО, односно луѓето кои се директно вклучени во донесувањето одлуки за набавување на опрема, како и во донесување одлуки за развој и употреба на ИКТ.

Истражувањето го покажа следното:

– Некои претседатели на НВО имаат ниско ниво на познавање на работа со компјутер или воопшто не знаат да работат со компјутер и имале големи тешкотии при одговарањето на прашалникот. Тие мораат да се консултираат со одговорните за ИТ во нивната организација;

– Поголем дел од претседателите на НВО не можеле да ја разберат ни терминологијата употребена во прашалникот, како на пример: групи за дискусија, мултимедија, инсталирање на систем за раководење на проект преку интернет и инсталирање на систем за тимска работа преку интернет, отворен софтвер и др.;

– Некои претседатели навеле дека имаат познавање од работа со отворен софтвер со цел да остават впечаток, иако воопшто немале такви познавања;

– На прашањето за легалноста на софтверот што го користат некои од нив не дале никаква информација или пак сметале дека софтверот што го користат е легален затоа што нивните компјутери биле донирани од други меѓународни организации;

– Некои од нив воопшто немаат компјутери (или интернет) во своите простории и затоа ги користат услугите на центрите за поддршка на НВО формирани од Фондацијата Институт отворено општество- Македонија (ФИИОМ) во градовите во коишто живеат. Тие изразуваат жалење поради тоа, но истовремено многу ја ценат поддршката што им ја даваат овие центри;

– Постојат големи НВО (со неколку стотици членови и волонтери) коишто немаат простории и немаат потреба од простории затоа што користат интернет од дома или од други места за одржување на он-лаjн состаноци. Од друга страна, пак, постојат НВО кои немањето на простории го сметаат за проблем при реализацијата на нивните проекти;

– Во првичната верзија на примерокот имаше НВО коишто немаа компјутери (интернет) во нивните простории и користеа приватни компјутери. Со тоа не ги исполнуваа основните критериуми и беа заменети со други НВО;

– Имаше неколку големи НВО во Скопје коишто се активни повремено (за време на избори или други демократски процеси), но не работеа за време на спроведувањето на ова истражување (без свои простории и без компјутери (интернет)).

Имаше неколку НВО коишто не сакаа да учествуваат во ова истражување. Повеќето од нив го одбија учеството уште во текот на првата фаза, при воспоставувањето на првичниот контакт. Некои одбивања беа со оправдување дека „немаат време“ или дека се недоволно информирани за да одговорат на прашањата. Имаше и една НВО којашто имала лошо искуство од претходни интервјуа.

Брима
Скопје,
9 април 2004 година

Сподели: